Линкови за пристапност

Бучковски: не очекувам брзо решавање на бугарско – македонскиот спор


Бучковски: не очекувам брзо решавање на бугарско – македонскиот спор
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:31 0:00

Специјалниот претставник во преговорите со Бугарија, Владо Бучковски, во интервју за Гласот на Америка вели дека не може да се очекува брзо решение на проблемот со Софија. Тој вели треба да бидеме подготвени, бугарските црвени линии се тие и се добро познати.

Глас на Америка: Можеме ли да очекуваме решение на македонско-бугарскиот спор, ако се знае дека во Бугарија има политичка криза или за сега тоа е тешко?

Владо Бучковски: За жал таму се продлабочи политичка криза и не се успеа да се формира влада и по повторените избори кои беа на 11 јули. Очигледно е дека сега се тактизира со третиот мандат кој го доби Бугарската социјалистичка партија и извесно е дека и тие не можат да направат политичка влада. Тоа значи дека во ноември ќе има и претседателски избори кои се редовни и овие трети избори кои се повторени. Тоа значи дека до крајот на ноември, почетокот на декември, ќе немаме од другата страна соговорник. Оној обид кој го правеше нашата влада, на оние средби во јуни, кога нашата делегација, која ја предводеше премиерот Заев, покажа дека службената влада, не е подготвена да влезе во разрешување на спорот кој постои помеѓу Скопје и Софија. Така што ќе мора да чекаме до декември. Од друга страна треба да продолжи соработката во оние области каде нема никакви проблеми. Пред се во сферата на образованието, културата, соработката на медиумите. Но директно и кусо да одговорам дали нешто може да очекуваме брзо, очигледно не, затоа што во Бугарија за жал се продлабочува политичката криза.

Глас на Америка: И од најавите кои ги гледаме од партиите во Бугарија, кои добиваа мандат за состав на влада нивниот став е дека црвените линии на Бугарија се познати. Дали и по формирање на нова влада, ќе биде тешко да се дојде до решение?

Владо Бучковски: Јас би рекол дека и последното интервју кој го даде лидерот на најбројната партија „Има таков народ“, на Славеј Трифунов, за Бугарската национална телевизија, тој потврди дека нема да има било какви промени и кога тој би бил на чело на идната политичка влада. Значи ние треба да бидеме подготвени дека бугарските црвени линии се тие, кои нам ни се добро познати. Беше редно и жалам што тоа не успеавме да го реализираме од икс причини, но и од бугарска страна иако најавуваа, не собраа доволно сили конечно, да ја верификуваме т.н. патна карта или патоказот, кој требаше да отвори можности за позасилена соработка, а овие три - четири теми, кои се од политичка природа и кои се отворени прашања, да ги затвориме што е можно побргу. Така што и по формирањето на владата во декември, ќе продолжиме таму каде што застанавме. Патот е тежок, но не е невозможно да се стигне до решение, ако има јасно изразена волја од двете страни, дека треба да се биде прагматичен и да се бараат компромиси.

Глас на Америка: Бучковски, што Бугарија бара од нас? Кои се условите кои таа ги поставува?

Владо Бучковски: Првото прашање е за употребата на краткото и долгото име на нашата држава. Второто прашање е за македонското малцинство во Бугарија. Третото е говорот на омразата, кој тие сметаат дека треба на систематски и ефикасен начин, заеднички да биде решен. И четвртата тема, која е најболна е во делот на заедничката историја. Инсистирањето да биде продуктивна, заедничката експертска комисија од експертите од Македонија и Бугарија, за жал во последната година имаше сериозни потешкотии во нивната работа. Нашата идеја, да се вклучи како медијатор некој експерт од ЕУ, кој има богато искуство во такви слични преговори за заедничка историја, не беше прифатен и за жал тапкаме во место. Во меѓувреме нашиот парламент ја усвои декларацијата, со која беше забетонирана нашата позиција, дека не се преговара со нашиот идентитет. И имајќи го сето тоа во превид, во тие рамки треба да се бара решението. Изгледа дека е тешко, но не е невозможно ако има јасно изразена волја од двете страни. Ако досега ги прифатевме барањата од бугарската страна, ќе имавме решение. Затоа мислам дека е чекор напред оваа декларација, конечно ВМРО ДПМНЕ, да покаже подготвеност и да ги подржи напорите што ги прави македонската влада, македонскиот претседател, во изнаоѓање на заедничко прифатливо решение, при што ќе се внимава на евентуалното загрозување на нашиот идентитет.

Глас на Америка: Дали сметате официјална Софија, ќе биде притисок да се дојде до некакво решение?

Владо Бучковски: Мора со Софија директно да се договориме. Но нема да биде и идната бугарска влада во комотна позиција, бидејќи се зголемува притисокот и од ЕУ и од нашиот стратешки партнер САД, кој е исклучително заинтересиран за стабилноста на Западен Балкан. Мислам дека ќе имаме добра шанса, но зависи се од нас. Треба и од бугарска страна да се влезе отворено ,рационално и прагматично во решавање на овој проблем.

XS
SM
MD
LG