На почетокот на оваа година Европската Унија се соочуваше со силни критики за спорото одобрување и дистрибуирање на вакцините за корона вирусот, во време кога европските граѓани со завист гледаа кон брзите програми за вакцинација кои беа спроведувани во земји како Обединетото Кралство, Соединетите Држави и Израел. Некои критичари тоа дури го опишаа и како егзистенцијална криза за Унијата, слична на финансиската од 2008-та година.
Тој тренд сега е променет. Неколку земји – членки на Европската Унија сега се во топ 10 во светот според процентот на целосно вакцинирано население.
На врвот на листата е Португалија каде 82% од населението има примено барем една доза од вакцината. Следуваат Белгија, Ирска, Данска, Шпанија и Франција. Дури потоа е Обединетото Кралство.
Стапката на вакцинација во ЕУ ја надмина онаа во САД уште во јули.
Неколку европски земји започнаа со вакцинирање на децата и имаат планови за воведување на трета доза за повозрасните граѓани.
„Европската Унија го одржа зборот и испорача. Процесот беше многу успешен, но мора да продолжиме со напорите“ изјави неодамна претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.
Европската Унија купи вакцини за сите земји – членки. На почетокот на процесот се соочи со критики поради доцнењето со одобрување на вакцините, а имаше и спор до англиско – шведската фармацевтска фирма АстраЗенека откако таа не успеа да ги испорача дозите кои ЕУ ги имаше нарачано. Неколку европски земји го запреа користењето на вакцината на АстраЗенека поради загриженост за појава на тромбови со што ја поткопаа довербата во вакцината.
Овие проблеми со снабдувањето кои се јавија на почетокот сега се надминати. Министерката за здравство на Шпанија, Каролина Дариас, смета дека тоа е заслуга на пристапот кој го имала ЕУ.
„Успехот на нашата земја, нашиот успех, пред се е поради напредната стратегија за набавка на Евопската Унија“ изјави неодамна таа.
Зголеменото ниво на вакцинација е поттикнато и од строгите правила во земјите – членки. Десетина држави воведоа некоја форма на дигитална Ковид потврда кој докажува дали некој е вакциниран, има негативен тест или неодамна оздравел. Оние кои немаат потврда не може да влезат во барови, ресторани и други јавни објекти.
Но, има и Евопејци кои се противат на ова. Илјадници луѓе излегоа на протест во Рига, Латвија против Ковид потврдата. Слични неделни собири има и во Франција, Шпанија, Италија и неколку други европски земји.
Критичарите велат дека Европската Унија заостанува зад Соединетите Држави и Кина во однос на донираните вакцини за посиромашните земји, дека има донирано само дел од 200 милиони дози кои се заложи дека ќе ги дистрибуира до крајот на годината.
ЕУ вели дека досега има извезено над половина милијарда дози вакцини и дека има одвоено 4 милијарди долари за Ковакс, механизмот кои обезбедува вакцини за посиромашните земји.
Светската Здравствена Организација препорача да се дистрибуираат вакцини за посиромашните земји пред во богатите земји да започне администрирањето на трета доза за оние кои се веќе вакцинирани.
Некои делови од овој извештај се преземени од Асошиетед Прес и од Ројтерс