Проширувањето останува високо на агендата на словенечкото претседателство со Советот на Европската унија. Владата во Љубљана уверува дека ќе го продолжи она што претходно го започнаа германското и португалското претседателство – обиди за отворање на преговорите со Скопје и со Тирана. „Словенечкото претседателство особено ќе се посвети на продолжување на проширувањето и стабилизацијата на Западен Балкан, со акцент на усвојување на преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија“, се вели во програмата на Словенија. Тоа го потврди и словенечкиот премиер кој денеска во Европскиот парламент ги образложуваше шестмесечните приоритети на неговата земја. Јанез Јанша повика и останатите членки да се фокусираат на ова прашање – оптимист е дека е можен напредок веќе во октомври.
„ЕУ прави големи чекори напред кога се фокусира. Ако проширувањето биде шеста тема на дневниот ред, никогаш нема да стигнеме до темата. Ако ова прашање го ставиме повисоко на агендата, тогаш ќе можеме да направиме конкретни чекори напред. Албанија и Северна Македонија може да направат напредок на следниот самит во октомври ако сите се концентрираме на тоа. Европската Комисија помага, но на крајот, станува збор за политичка одлука“, изјави Јанез Јанша премиерот на Словенија.
Еден од аргументите кои ги употреби е дека проширувањето било најкорисната алатка на ЕУ за стабилизација, но и дека во изминатите 15 години Унијата не само што не се проширила, туку и се намалила. Вели дека не ги разбира противниците на проширувањето и се надева дека со внатрешните дебати за иднината на Европа ќе се отвори дискусија за овој процес. Претседателката на Европската комисија, која ја следеше презентацијата на Јанша, побара Унијата да го исполни ветеното, а земјите кандидатки преземените обврски во делот на реформите.
„Целта е да ги започнеме Меѓувладините конференции со Албанија и Северна Македонија, тоа се многу конкретни чекови, а ние како Комисија поднесовме инвестициски план од 9 милијарди евра за поддршка на Западниот Балкан да го развие регионалниот пазар, што е подготовка за приклучување кон заедничкиот ЕУ пазар. Никогаш на треба да се предадеме, треба да тежнееме кон помиримување и реобединување на ова европско семејство. Има многу работа, но затоа сме тука“, рече претседателката на ЕК Урсула Фон Дер Лајен.
Прашање е колку е реален оптимизмот на Јанша и на Фон Дер Лајен и колку земјите членки ќе успеат да влијаат врз Софија да попушти од цврстиот став. Последната порака од Бугарија, која за неколку дена оди на нови избори, e дека пристапување на С Македонија во ЕУ не може да е само желба на ЕУ, туку, како што се вели, мора да има докажани активности од страна на Скопје за желба за билатерално решавање на проблемите кои ја спречуваат Софија да даде зелено светло за старт на преговорите.
Facebook Forum