Линкови за пристапност

Стокхолм со силна поддршка за евроинтеграцијата на Скопје


Стокхолм со силна поддршка за евроинтеграциите на Скопје
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:28 0:00

Информациите што стигаат во Скопје од министерскиот состанок на земјите членки на Европската Унија се дека нема согласност од Софија да попушти и да се согласи со предлог-преговарачката рамка за Северна Македонија. Тоа значи дека шансите за овој јуни да се одржи првата меѓувладина конференција се сведуваат на теоретски – за ова прашање да се расправа на ниво на шефови на држави и влади на Унијата.

„Можноста да се добие почеток на преговори за членство на 24 и 25 јуни на Самитот на лидери на ЕУ е теоретска, имајќи предвид дека во моментот во Бугарија има комплексни политички услови и контекст, и единствено претседателот на државата има целосен политички мандат и можност да се повлече ветото, односно да се донесе одлука на самиот Самит на лидери“ изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи.

Шефот на државата не е толку оптимист, како шефот на дипломатијата.

„Сега само можеме да очекувам по бугарските избори, по нивна нова влада, тие да кажат како да излеземе од оваа ситуација која тие ја создадоа. Не можам да видам што можеме да понудиме плус од наша страна, што до сега не било понудено. Знам дека звучам песимистично, но нораме работите отворено да ги кажуваме“ рече претседателот Стево Пендаровски.

Дел од европските министри уверуваат дека „Бугарија е изолирана и дека само таа остапува од заедничкиот став на Унијата“. Шефицата на шведската дипломатија денеска во Скопје изјави дека ја разбира разочараноста во земјава и дека таа го има истото чувство. Според Ан Линде, Северна Македонија треба веднаш да ги почне преговорите за членство.

„Потребен е билатерален дијалог да се решат овие прашања на соодветен начин и ги поттикнувам сите дипломатски напори за решавање на ова прашање. На моите состаноци со министрите за надворешни работи во ЕУ јасно кажувам дека Бугарија не треба да ги блокира преговорите и дека билатерално прашање не треба да биде предуслов за почеток на преговорите со Северна Македонија. Мислам дека ова е заедничка позиција и став на повеќето министри за надворешни работи, освен на министерот за надворешни работи на Бугарија“ изјави Ан Линде, министерка за надворешни работи на Шведска.

По се поизвесното пропаѓање на можноста овој јуни да се отворат преговорите, наредната шанса е во октомври. Но, и тој период е полн со неизвесности, не само поради тврдите позиции на Софија - тогаш Бугарија оди на претседателски, Северна Македонија на локални избори.

XS
SM
MD
LG