79 отсто од јавноста е „за“ процесот на пристапување кон Европската унија, додека 18 проценти се против, покажуваат резултатите од најновото истражување на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).
Иако поддршката за зачленувањето кон ЕУ е висока, таа сепак е помала во однос на анкетите од 2020 и 2018 година.
Она што се забележува во расположението на граѓаните е падот во оптимизмот. Процентот на оние кои сметаат дека Северна Македонија денес е поблиску до влез во Унијата отколку во 2005 година, кога го доби кандидатскиот статус, во последните три години се намалил од 57 на 32 проценти, што претставува пад од 25 отсто.
Според ИРИ, врз овој тренд влијание имаат одложувањата во процесот на пристапување, како и самото вето од Бугарија.
На прашањето „што Северна Македонија треба да преземе во односите со Бугарија за да се деблокира процесот“, 33 отсто од испитаниците одговориле дека „земјава не треба да прифати какви било барања од Софија“, 29 проценти рекле дека „не треба ништо да се преземе зашто ЕУ членките би требале да ја притиснат Софија“, додека 25 отсто од прашаните одговориле дека „треба да продолжат разговорите со Бугарија без да се загрозуваат националните позиции“.
Податоците од ова релевантно истражување се објавуваат еден ден пред посетата на премиерот Заев на Софија, каде ќе се сретне со државниот и политичкиот врв на Бугарија.
„Имаме квалитетен предлог од португалското претседателство. Наша официјална позиција е дека е добра основа за постигнување на решение и бугарската официјална позиција е дека е добра основа за постигнување решение. Ова треба да го искористиме. Ако се постигне решение супер, ако не се постигне сигурно ќе е позитивен исчекор кон изнаоѓање на решение веднаш штом ќе се формира политичката влада. На 6. октомври е закажан Европски совет за Западен Балкан во Словенија за време на словенечкото претседателство, што е следна шанса. Првата шанса за датум за меѓувладина конференција е на 22. јуни одосно 24. и 25. јуни кога се одржува Европскиот совет“, изјави премиерот Зоран Заев.
Унијата, со мало намалување, се` уште останува на врвот кога станува збор за перцепцијата на граѓаните за тоа кој најмногу помага на националните интереси на земјава.
Втора е Германија, па потоа следат САД за кои се изјасниле 13 отсто од испитаниците, што е подобрување во однос на лани.
Истражувањето на ИРИ, теренски спроведено во април на примерок од 1.222 испитаници, покажува дека во 2021 година, споредено со лани, се зголемува сомнежот на граѓаните во стабилноста на земјава, a се намалува чувството дека државата се движи во вистинска насока.
Facebook Forum