СКОПЈЕ –27 април 2017 година нешто по 18 часот. Талат Џафери е избран за претседател на Собранието.Пратеникот Крсто Мукоски ги отвара вратите од Собранието. Почнува „Крвавиот четврток“.Денот кога падна Законодавниот дом, за прв пат во историјата на самостојна Македонија, кога јавноста беше сведок на досега невидено насилие. Пратеници, новинари и сниматели беа нападнати и брутално претепани од насилниците маскирани во толпата граѓани која упадна во Собранието. Неколку часа беа држени како заложници, чекајќи ја задоцнетата полициска интервенција.
Три години овој датум се избегнуваше како од политичарите така и од граѓаните. Власта преку соопштение потсетуваше на настаните, членовите и активистите преку социјалните мрежи. Опозицијата молчеше.
Денеска четири години подоцна повторно духовите се разбрануваа. Партиите копаат ровови за уште една пресметка, овој пат вербална, за тоа кој е виновен а кој е невин, кој е жртва а кој херој. Јавноста и граѓаните повторно се поларизирани и поделени.
Премиерот Заев смета дека тој ден осудените пред очите на јавноста се обиделе да ги ликвидираат а поддршката на опозицијата е надвор од здравиот разум и соучесништво.
„Секоја секунда, јас колегите пратеници и новинарите чекаа да го изгубат својот живот. Денеска да се организира собир за да се даде поддршка на осудени луѓе кои се обидоа на очиглед на јавноста да убиваат новинари, камермани и пратеници во Собранието е забеганост или соучесништво. Мене лично ме мотивира да продолжам да се борам и никогаш да не се повтори“, рече Заев.
Зијадин Села, лидерот на Алијанса за Албанците, беше брутално претепан речиси до смрт. Тој денеска беше во затворот „Идризово“ во посета на полицаецот Абдулфета Алими, припадник на Собраниското обезбедување, за кој вели дека му го спаси животот а кој е осуден а седум години затвор. За Села тој е единствениот невин човек осуден за крвавите настани.
„ Единствената негова вина е што денеска јас сум жив. Лично сум му благодарен. Моите деца му се благодарни. Живеам секој ден со совеста дека човекот кој ме спаси е неправедно во затвор. Тој е тука за јас да чувствувам срам. Се додека такви имаме по институциите ние никогаш нема да бидеме нормала и цивилизирана држава и нема да имаме нормална демократија “, изјави Села пред капијата на затворот „Идризово“
Опозициската ВМРО- ДПМНЕ, застана зад протестот, кој се одржа завчера под мотото „Слобода за Уставобранителите“ на кој беше побарано нивно ослободување, укинување на пресудите и повторување на судскиот процес. Лидерот Христијан Мицкоски вели дека поддржува правда а не насилство, треба да се повтори процесот без прецизно да каже дали смета дека осудените се виновни или не.
Она кое што ние го поддржуваме е правда. Никој не вели дека поддржуваме насилство. Во Македонија постои судска пракса да дел од случаите за кои постои основано сомневање дека биле политички инстриуирани почнуваат од почеток за да се аргиументираат позициите на двете страни, обвинетите и Обвинителството. Тоа е она за кое што ние се залагаме“, рече Христијан Мицкоски.
Од друга страна пак иницијаторите на протестите по мотото „За Заедничка Македонија“ кои се одржуваа 2017 година, а кои беа меѓу обвинетите и потоа дел од нив прифатија да бидат амнестирани, денеска отворено ги поддржаа барањата за слобода на осудените. Велат дека тероризам од граѓаните немало ниту пак загрозување на уставниот поредок. Обвинуваат за монтиран политички процес
„Се придружуваме на барањата за реотварање на процесот и шанса за оние кои се неправедно осудени да ја добијат својата слобода, па во фер постапка да се утврди кој за што има вина, а кој е жртва на политичко – судскиот терор во Македонија. Исто колку што е важно секој да си ја добие заслужената казна, многу е поважно дека целиот македонски народ треба да ја добие вистината која ја заслужува“, изјави Богдан Илиевски, иницијатор „За Заедничка Македонија“.
Јавноста и политичките партии и по четири години сеуште се поделени. Дали станува збор за насилници и терористи или пак за уставо бранители. Дали Уставот се кршеше на собраниската седница или пак во упадот кој следуваше потоа. Останува отворено и клучното прашање, која го планираше, организираше и нарача упадот во Собранието и кој ги злоупотреби граѓаните вментувајќи маскирани насилници меѓу нив.
Facebook Forum