Линкови за пристапност

Приведен Драги Рашковски - осомничен е за злоупотреба на службената положба


Приведен Драги Рашковски - осомничен е за злоупотреба на службената положба
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:40 0:00

Ова е снимка од спроведувањето на Драги Рашковски во скопскиот Кривичен суд. Доскорешниот секретар во премиерскиот кабиент и некогашен генерален секретар на Владата e осомничен за злоупотреба на службената положба.

Обвинителството за гонење организиран криминал издаде наредба за спроведување истрага за Рашковски и за уште 3 лица за случајот за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци – платен од државни пари, кој никој не го користи. Рашковски ја договорил набавка со приватна компанија и притоа самиот ги дефинирал техничките спецификации.

„Со дејствата што ги извршил, првоосомничениот со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка спровел јавни набавки спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени согласно прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства и за три економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и притоа да се стекнат со противправна имотна корист на штета на Буџетот во вкупен износ од 11.018.321,00 денари“ велат од обвинителството.

За опозицијата приведувањето на Рашковски не е изненадување.

„Уште пред две три години ВМРО – ДПМНЕ алармираше дека кај Рашковски има индиции за сторен криминал, но бидејќи беше најдобар другар на Заев за него законот не важеше. Дали сега ќе важи ќе видиме од оваа постапка, но сакам да нагласам дека Рашковски бил само генерален секретар на една институција каде што главниот шеф бил Зоран Заев и кое било незаконско дејствие на Рашковски не ја исклучува командната одговорност на премиерот Заев како надреден над генералниот секретар Рашковски“ рече Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот, во чиј кабинет Рашковски беше секретар се до понеделникот, вели дека ова е пример дека никој не е над законот.

„Нема недопирливи пред законот, тој беше генерален секретар на Владата, но институциите си ја вршат работата. Сепак, мора да ја почитуваме презумцијата на невиност, никој не е виновен додека не се докаже спротивното“ изјави премиерот Зоран Заев.

Пред неколку дена Рашковски поднесе оставка на секретарската позиција по серијата медиумски истражувања дека тој, како генерален секретар на владата, бил клучната фигура во купувањето софтвер за кој ниту една државна институција не побарала да се набави, од што и произлезе истрагата на обвинителството. Во меѓувреме се отворија и низа други прашања за неговата имотна состојба – плацови на кои почна да се гради лускузен објект, возење скапи возила кои не се пријавени во неговиот анкетен лист.

XS
SM
MD
LG