Линкови за пристапност

Почина најпознатиот пирамидален измамник во светот Бернард Медоф


(Њујорк, 14 април, Ројтерс) Бернард Медоф, кој беше осуден за најголемата пирамидална измама во историјата, почина во федерален затвор каде издржуваше 150 годишна затворска казна, соопшти Бирото за затвори.

Имаше 82 години. Медоф имал хронична бубрежна слабост и неколку други медицински проблеми.

Тој беше во федералниот затвор во Батнер во Северна Каролина откако беше осуден во јуни 2009-та на 150 годишна затворска казна за измама проценета на 64.8 милијарди долари.

Илјадниците жртви на Медоф, мали и големи, вклучуваа индивидуи, хуманитарни организации, пензиски и инвестициски фондови.

Помеѓу измамените беа и актерите Кевин Бејкон, Кира Седгвик и Џон Малкович; познатиот бејзбол играч Сенди Куфакс; како и хуманитарна организација поврзана соо режисерот Стивен Спилберг.

Сопствениците на Њујорк Метс, долгогодишни клиенти на Медоф, со години не можеа да состават добар бејзбол тим поради загубите кои ги претрпеа.

„Мислевме дека е Бог, му веруваме со се што имавме“ изјави во 2009-та добитникот на Нобелова награда за мир, Ели Визел.

Некои жртви загубија се. Многумина беа дел од еврејската заедница каде Медоф беше голем филантроп. Неговите кривични дела беа пријавени до властите во 2008-та година од страна на неговите двајца синови кои не биле дел од измамите.

Измамата разоткри слабости во американската Комисија за хартии од вредност.

„Неколку пати се среќавав со претставници на Комисијата и си мислев дека ме фатиле“ им рекол Медоф на адвокатите за време на интервју додека бил во затвор, пренесе Еј Би Си.

Медоф беше меѓу најголемите на берзанскиот индекс Nasdaq а своевременоо служеше како негов неизвршен претседател. Неговата брокерска фирма се наоѓаше во една кула во центарот на Менхетен, позната како „Зградата кармин.“ Вработените изјавуваа дека се чувствувале како дел од семејството на Медоф. Тие не знаеле дека тој ги извршува своите измами на друг кат во истата зграфда. Само малкумина од доверба го знаеле тоа.

Во типична Понзи пирамидална шема, парите од поновите инвеститори се користат за исплата на износи што им се должат на претходните инвеститори.

Медоф изјави дека неговата измама започнала во раните 90-ти, но обвинителите и многу жртви веруваат дека започнала и порано.

Инвеститорите биле привлечени од стабилните, двоцифрени годишни добивки што Медоф се чинеше дека ги генерира, а за кои многумина сметаа дека е невозможно да се објаснат.

Парите им помогнаа на Медоф и неговата сопруга Рут да уживаат во раскошот како стан на поткровје на Менхетен, француска вила и скапи автомобили и јахти, со вкупна нето вредност од околу 825 милиони долари.

Но, никој од потесното семејство на Медоф не беше во судницата во Менхетен кога американскиот окружен судија Дени Чин го осуди.

Ниту семејството, пријателите или приврзаниците не доставија писма со кои се потврдува неговиот добар карактер.

„Кога го започнав овој проблем, овој криминал, верував дека тоа ќе биде нешто од што ќе можам да се извлечам, но тоа стана невозможно“, рече Медоф пред судот. „Колку и да се трудев, толку подлабоко се копав во дупка“ додаде тој.

Медоф, исто така, им се обрати на присутните жртви, велејќи им: „жал ми е, знам дека тоа не ти помага."

Бернард Лоренс Медоф е роден на 29 април 1938 година, во квартот Квинс во Њујорк и пораснал таму како син на европски имигранти, кои работеле како брокери. Дипломирал на Универзитетот Хофстра во 1960 година и кратко студирал на Правниот факултет во Бруклин пред да се откаже.

Истата година, тој ги основа „Бернард Л. Мадоф Инвестициски хартии од вредност“ користејќи заштеда од 500 долари и деловен простор позајмен од таткото на неговата сопруга, изјави самиот тој за магазинот Њујорк во 2011 година.

Медоф започна скромно, продавајќи ситни акции на пазарот. До раните 1970-ти, тој стана еден од петте оригиналните брокери за трговија на Nasdaq.

Медоф се залагаше за поголема конкурентност на пазарот, во исто време њујоршката берза се уште доминираше во тргувањето, а тој стана и рана сила во електронското тргување.

Условите на пазарот му одеа во прилог во 1980-те и 1990-те кога тој и неговите ривали можеа да купат акции за 5 долари, а потоа да ги продадат за 5.125 на пример.

Профитабилноста се намали откако децималите станаа стандард, но овие операции ја дадоа основата за неговата подоцнежна измама.

Тој на клиентите им велел дека ќе заработат преку стратегија на поделба на инвестициите и ризиците.

Медоф делувал успешно, а клиентите биле задоволни. Но, тоа не било реално.

Обвинителите велат дека Медоф и неговиот персонал им испраќале на клиентите лажни потврди за купопродажби кои тој никогаш не ги извршувал и лажни изјави за што никогаш не ги остварил.

Медоф призна дека понекогаш земал пари од неговата сметка во JPMorgan Chase за да им плати на клиентите кои сакале да се повлечат.

Сомнежите започнаа да се појавуваат во раните 90-ти, кога името на Медоф се појави во истрага на американската Комисија за хартии од вредност на сега веќе непостоечката сметководствена фирма во Флорида, Avellino & Bienes.

Во 2001-та година, написот во магазинот Barron's поттикна скептицизам на Волстрит во врска со Медоф, вклучително и дека тој можеби користи операции за да ги „изедначи“ приносите за инвеститорите.

Медоф демантираше. “Тоа е комерцијална стратегија. Не можам да навлегувам во тоа многу детално", рече тој, отфрлајќи ја теоријата на Barron's како смешна.

Повеќе прашања беа покренати откако свиркач, финансискиот аналитичар Хари Маркополос, започна да ја притиска Комисијата за хартии од вредност да го запре Медоф.

Од 1992 до 2008 година, Комисија за хартии од вредност доби шест жалби со кои се подигна „аларм“ за Медоф и се отворија прашања дали тој воопшто тргува со нешто, но никогаш не беа презедени ниту основни чекори за да открие што прави, подоцна изјави генералниот инспектор на Комисијата, Дејвид Коц.

Се почна да се урива есента 2008 година, кога започна глобалната финансиска криза и многу инвеститори бараа да си ги повлечат парите. Не можејќи да исплати побарувања од 7 милијарди долари, Медоф им признал на синовите, Марк и Ендру, дека неговиот инвестициски бизнис е „една голема лага.“

Синовите го пријавија на властите и Медоф беше уапсен на 11 декември 2008, година, еден ден откако неговата компанија организирала божикна забава.

Три месеци подоцна тој се изјасни за виновен по 11 обвиненија кои вклучуваа измама, перење пари и лажн сведочење.

Медоф првично тврдеше дека измамата е само негово дело, но обвинителите на крајот добија 15 пресуди или признанија вина.

Тие вклучуваат признание за вина од помладиот брат на Медоф, Питер, главен службеник за усогласеност на фирмата, кој доби 10 години затвор.

Судскиот процес заврши со осуди и затворски казни за пет поранешни вработени во Медоф.

Обвинителството добија големо засилување откако обезбедија соработката од Френк Ди Паскали, долгогодишен шеф за финансии на Медоф, кој почина во 2015 година од рак на белите дробови.

Рут Медоф не беше обвинета. Таа изјави дека чувствува дека нејзиниот сопруг ја изневерил по скоро половина век брак. Многумина беа скептични во однос на нејзиното тврдење дека таа не знае ништо за измамата. Обвинителите и дозволија на Рут Медоф да зачува 2.5 милиони долари.

Неколку дена по апсењето на Медоф, започнаа обидите да се вратат парите на луѓето што инвестираа кај него.

Голем дел од овие суми беа обезбедени од спогодбата со имотот на Џефри Пиковер, долгогодишен инвеститор на Медоф од Флорида.

Болката за семејството на Медоф не заврши со неговото затворањето.

Измачен од постапките на неговиот татко и од тужби, постариот син Марк Медоф, се обеси со поводник на куче на 46-годишна возраст на 11 декември 2010 година, на втората годишнина од апсењето на неговиот татко.

Во септември 2014 година, Ендру Медоф почина од рак, на 48-годишна возраст.

Како што се влошуваше неговото здравје, Медоф бараше рано, „сочувствително ослободување“ од затвор.

Тоа барање беше одбиено во јуни 2020 година, интервјуата направени со него во затвор покажале дека тој „никогаш целосно не прифатил одговорност за кривичните дела.“

Во написот во списанието Њујорк, Медоф јасно стави до знаење дека верува дека го сменил начинот на работа на Волстрит, и дека многу жртви можеби ќе изгубеле повеќе пари доколку не соработувале со него.

Тој рече и дека нема да бара изговори за измамите и дека се помирил со неговите злосторства и статусот на отфрлен од општеството . „Тоа е што е“, рече тој.

XS
SM
MD
LG