Линкови за пристапност

Физичкото образование – неопходно за младите и во време на пандемија


Наставници и професори предупредуваат - намалената физичка активност се одразува врз учениците
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:52 0:00

Стручните лица веќе алармираат – немањето доволно физичка активност, може да доведе до сериозни проблеми во развојот на учениците

Маалските кошеви. Некогаш главно место за собирање на младите, а денес речиси напуштени. Ваква е сликата низ градските игралишта повеќе од една година откако пандемијата ги прекрати можностите за спортски активности.

„Сите оние спортски натпревари, коишто ги организираме, како Сојуз на училишни спортови, на ниво на Општина аеродром, застанаа и не можевме да продолжиме“, вели Дејан Стојанов од Сојуз за училишен спорт – Општина Аеродром.


Ситуацијата е слична и во училиштата - салите за физичко образование останаа скоро празни. На регуларна настава се само учениците до трето одделение, додека другите останаа да учат од дома.

„Вака на далечина ние можеме да им даваме на децата одредени вежби коишто би можеле да ги работат. Меѓутоа, оние вежби или оние задачи коишто се поврзани со екипни спортови, спортови со топка, факт е дека ниту едно дете дома нема услови. Или, еден процент коишто се во дворови, би можеле да ги изведуваат“, објаснува Марјан Јовановски, Директор на ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ – Скопје.


Стручните лица веќе алармираат – немањето доволно физичка активност, може да доведе до сериозни проблеми во развојот на младите.

„Бенефитот од физичката активност е неверојатно голем и не смее да се пропушти во ниту еден развоен период. Секое пропуштање на физичка активност, во различни развојни периоди, ќе ве стигне во следниот, па во следниот, и тогаш има сериозни реперкусии во здравјето на човекот“, истакнува проф. д-р Ленче Алексовска - Величковска, декан на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.

Од факултетот за физичко образование укажуваат дека часовите со физички вежби се клучни и за здрава психичка состојба кај учениците.

„Не се работи за предмети. Овдека се работи за активност, физичка активност која е директно поврзана со менталното и со физичкото здравје, којашто носи подобар емоционален развој, социјален, когнитивен, подобра социјализација“, додава Алексовска - Величковска.


Сепак, во услови кога пандемијата не стивнува, на училиштата не им остануваат многу опции. Во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ се следат мерките за заштита, но поголема надеж гледаат во топлото време и во можноста за настава на отворено.

„Дали во нашиот двор, дали на кеј. Едноставно, со почитување на сите оние протоколи, има можност, да, да се повикаат, да се изведе часот на отворено, не во сала. Нашите наставници, за оние ученици за коишто сметаат дека треба да ги видат тука, со нивно присуство, да ги мотивираат. Многу е тешко да ги мотивираш децата на далечина. Една работа е кога се дома, а друга работа е кога се тука, пред вас“, вели директорот Јовановски.

Во сиот намален интензитет на физичките активности се бара начин да им се излезе во пресрет и на децата со попреченост. Во општината Аеродром се одлучиле за организирање часови на базен.

„Базенот претставува исто така еден од најбезбедните објекти каде што може и да се рекреира и да се спортува. Затоа го почнавме проектот со базен. Се надевам дека бргу ќе преминеме во сала“, додава Стојанов од Сојуз за училишен спорт од Општина Аеродром.


Спортските работници, професорите, наставниците се надеваат дека од следната учебна година ќе имаат полни училишта и сали. До тогаш порачуваат секој да работи на своето здравје со индивидуално спортување.

„Секој човек, ако сака да биде здрав во иднина, ако сака да придонесе за општествената култура, за општеството и да промениме нешто во нашиот ментален склоп и перцепцијата за тие активности, ние мораме да ја подигнеме свеста за унапредување и значењето на физичката активност којашто е во директна корелација со здравјето на човекот“, апелира деканката Алексовска - Величковска.

XS
SM
MD
LG