Линкови за пристапност

САД повторно силно посветени на НАТО


Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја потврди посветеноста на Соединетите Држави кон НАТО со неговото учество на дводневниот самит во Брисел.

Ново поглавје во трансатлантските односи. Пред четири години тогашниот американски претседател Доналд Трамп го нарече НАТО „застарено.“ Сегашниот државен секретар на сојузниците им порача дека сака повторно да ја изгради довербата.

„Америка е целосно посветена на НАТО“ порача тој.

Тој ги потенцираше воените закани со кои се соочува Алијансата.

„Воените амбиции на Пекинг растат секоја година, поради модерната технологија предизвиците кои некогаш изгледаа дека се на другата страна на планетата сега веќе не се далеку. Ги гледаме новите воени способности и стратегии кои Русија ги разви за да го предизвика нашиот сојуз и да го поткопа поредокот базиран на правила кој ја обезбедува нашата колективна безбедност“ изјави Блинкен.

Генералниот секретар на НАТО ја поздрави американската посветеност и предупреди на опасностите со кои се соочува Алијансата.

„Гледаме дека Русија продолжува да развива нови дестабилизирачки нуклеарни оружја. Ни требаат договори кои ќе покриваат повеќе оружја и повеќе држави, како Кина“ рече Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Развојот на Кина е релативно нов предизвик за НАТО, смета аналитичарката Симона Соар.

„Не станува збор за префрлање на НАТО кон Индискиот и Тихиот Океан туку за поголема свесност и подготвеност за справување со потенцијалните негативни последици од кинеското присуство во Европа. Тоа значи поголема свесност за странските директни инвестиции кои потенцијално би можеле да ги таргетираат стратешките технологии и клучната инфраструктура“ вели Соар.

По состаноците со првите луѓе на Европската Унија Блинкен порача дека Унијата е „партнер број еден“ на Соединетите Држави. Неговите зборови беа добредојдени, но аналитичарите велат дека тестот за новите трансатлантски односи допрва доаѓа – додека Алијансата се соочува со нови закани на повеќе фронтови.

XS
SM
MD
LG