Линкови за пристапност

Полицијата на американскиот Капитол очекувала „минимална закана“ во средата


Армиски официјални лица велат дека полицијата во зградата на Конгресот одбила помош од Националната гарда, по што била прегазена од толпата

Службениците за спроведување на законот задолжени за заштита на Капитолот на САД повеќе пати ги одбиле понудите за дополнителна помош пред немирите во средата, кои ги принудија пратениците да се засолнат, со што се одложи сертифицирањето на резултатите од претседателските избори во државата.

Обвинувањата, од армиски и други одбранбени претставници, дојдоа еден ден откако голем број екстремисти кои го поддржуваа претседателот Доналд Трамп ги пробија барикадите и кордоните на припадниците на полицијата во Капитолот и неконтролирано се движеа низ зградата.

„Ние бевме во постојан ангажман“, изјави помошникот министер за одбрана Кен Рапуано пред новинарите во четвртокот, во врска со дискусиите меѓу Армијата на Националната гарда и полицијата на Капитолот во неделите пред немирите.

„Прашавме повеќе од еднаш“, рече тој. „Конечниот одговор беше од 3-ти јануари, дека тие нема да бараат помош од Министерството за одбрана“.


Видеа од средата споделени на социјалните медиуми и од новинските организации покажуваа како стотици про-Трамп екстремисти ги минуваат бариерите и полициските контролни пунктови при упадот во зградата на Конгресот. Други, избегнувајќи ја полицијата, се качувале по ѕидовите и кршеле прозорци да влезат внатре.

„Имаше огромна конфузија од Капитолот“, рече армискиот секретар Рајан Мекарти, кој помагаше во координирање на одговорот од припадниците на Армијата на Националната гарда.

„Јасно е дека способноста на полицијата на Капитол Хил беше надмината“, додаде тој. „Беше многу тешко да се утврди распоредот на нивните припадници, за да се поврземе со нив“.

Како резултат на тоа, рече Мекарти, тој и официјалните лица на полициските сили на Вашингтон и Федералното биро за истраги пристапиле кон, како што рече, „набрзина направен план“ за повторно преземање и обезбедување на Капитолот.

Околу четири часа подоцна, рече тој, Капитолот бил обезбеден со помош на околу 340 војници на Националната гарда кои првично беа распоредени да му помагаат на градот Вашингтон да управува со сообраќајот и да ја контролира толпата, заедно со уште 1100 војници на Националната гарда мобилизирани од в.д. Секретарот за одбрана Кристофер Милер да помогнат да се стави ситуацијата под контрола.

Други официјални лица изразија лутина поради перцепираниот недостаток на подготовка за настаните во средата.


Градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Баусер, упати остри критики кон, како што рече, „катастрофалното безбедносно потфрлање“ што овозможило толпата да влезе во Капитолот.

„Очигледно, тоа беше неуспех, во спротивно немаше да се кршат полициските линии и луѓето да влегуваат во зградата кршејќи прозорци и тероризирајќи ги луѓето, членовите на Конгресот“, рече таа. „За тoа мора да се спроведе вистинска истрага“.

Сенаторот Крис Марфи од Конектикат, демократ со ранг во поткомисијата на Сенатот што врши надзор на полицијата во Капитолот, исто така излезе на Твитер со повик за целосна истрага.

„Имав два телефонски разговори со началникот на полицијата во Капитолот и еден со секретарот на армијата во последните 14 часа“, објави Марфи во четвртокот на Твитер. „Потребна ни е голема реформа за начинот на кој го браниме Капитолот и треба да започнеме сега“.

Полицијата во Капитолот доцна во четвртокот објави дека еден нејзин припадник починал од повредите здобиени во хаосот во средата. Полицискиот службеник Брајан Д. Сикник почина во четвртокот вечерта, се вели во изјавата на директорката на полициската комуникација во Капитол, Ева Малеки. Таа рече дека Сикник „бил повреден додека физички се справувал со демонстранти. . . се вратил во канцеларијата на неговата дивизија каде колабирал...бил пренесен во локална болница каде им подлегнал на повредите “.

Пробивањето на зградата во Капитолот некои официјални лица ги чини работно место.

Лидерот на мнозинството во Сенатот, републиканецот Мич Меконел, во четвртокот побара и прифати оставка на раководителот на полицијата на Сенатот Мајкл Стенгер, поради безбедносните пропусти во средата.

Началникот на полицијата во Капитол, Стив Сунд, исто така, поднел оставка доцна во четвртокот, според извор на Асошиејтед Прес, додавајќи дека последниот ден на началникот ќе биде 16 јануари.


Во изјавата претходно истиот ден, Сунд ги бранеше постапките на своите офицери, велејќи дека тие „храбро реагирале“ додека се соочувале со толпа наоружана со метални цевки, хемиски надразнувачи и друго оружје.

Но, тој не рече зошто одбил дополнителни сили и ресурси.

Полицијата во Капитолот има „робустен план“ за решавање на мирни протести, рече Сунд. „Но, да не се разбере погрешно, овие масовни немири не беа активности на Првиот амандман (законски заштитени); тие беа криминално однесување.“

Полицијата во Капитолот не беше единствената што била изненадена од насилната природа на толпата.

„Немаше разузнавачки информации што сугерираат дека ќе има упад во американскиот Капитол“, рече во четвртокот вршителот на должноста полициски началник на Вашингтон, Роберт Конти, додавајќи дека фокусот бил главно ставен на поголемиот број присутни луѓе во градот.

Воени и одбранбени службеници, кои рекоа дека целосно зависат од федералните и локалните агенции за спроведување на законот за домашно разузнување, исто така рекоа дека ниту еден извештај не содржел веродостојни закани со насилство.

„Проценката што ја добивмене беше индикација за значителни насилни протести“, рече Рапуано од Одделот за одбрана.

Првиот човек на Армијата Мекарти додаде дека разузнавачките информации сугерирале движење на толпи од 2.000 до 80.000 луѓе.

„Беше голем предизвик“, рече Мекарти.

Засега, Рапуано и Мекарти изјавија дека се фокусирани на обезбедувањена Капитолот за инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден, на 20 јануари.


Националната гарда изгради двометарска неподвижна ограда што ќе остане околу Капитолот најмалку 30 дена. Тие исто така рекоа дека вршителот на должноста секретар за одбрана мобилизирал 6.200 војници на Националната гарда од околните држави, Мериленд, Вирџинија, Њујорк, Њу Џерси и Пенсилванија за да помогнат во одржувањето на безбедноста.

Градоначалничката на Вашингтон Баусер изјави дека вонредната ситуација ќе трае до 21 јануари, ден по инаугурацијата на Џо Бајден за претседател. Наредбата им дозволува на градските власти да „спроведуваат наредби како ќе најдат за потребно“ за да ги заштитат луѓето и имотот во потесното градско подрачје на Вашингтон, како што се полициски час или промена на работното време.

XS
SM
MD
LG