Глас на Америка: Како е моментално во Виена, како се живее и како лично ти го доживеа целиот овој момент?
Бранимир Јовановиќ: Денеска, животот полека се враќа во нормала во градот. Забележав прилично голема раздвиженост и можеби поголема од претходно. Веројатно затоа што луѓето два дена беа дома и сега излегуваат во поголем број. Но претходниот ден беше специфично, а во неделата беше хаотично, страшно. Беше прилично лошо. Вчера беше тажно, траорно. Не постеше некаков страв, но постоеше голема тага кај сите луѓе, но денес полека се враќа состојбата. Премногу информации и пред се дезинформации се ширеа што правеше голема штета. Се пласираа разни шпекулации и од некои неодговорни медиуми, околу тоа колку има загинати, па колку има напаѓачи, па каде се случуваат работите. Имаше дезинформации дека се држат заложници во одредени ресторани, дека се пука во ресторани и тоа правеше голема паника кај луѓето. Потоа имаше интервенција од властите. Кажаа да се не шират дезинформации, да не се објавуваат фотографии и видеа на социјалните мрежи, туку сите работи да се доставуваат до полицијата. И мислам дека тоа ја смири ситуацијата. И она што е специфично е дека тој ден, беше последниот пред карантинот и луѓето во поголем број беа излезени во градот и веројатно поради тоа тогаш го направија нападот, за да искористат ситуација кога има повеќе луѓе. Имаше многу луѓе, кои беа заглавени и во местата каде беа излезени. Насоките беа, не излегувајте, седете во местата каде што ќе се затекнете, побезбедни сте таму, отколку на отворено. Дури имаше луѓе кои цела ноќ останаа во тие ресторани. Така што не се знаеше што се случува, имаше дезинформации дека има повеќе напаѓачи, кои шетаат низ градот и пукаат и тоа направи доста голема паника. Вчера реакциите на властите беа генерално добри. Пораките беа во насока на сплотување и смирување на заедницата, на општеството. Пораките беа дека непријателот не се муслиманите или мигрантите, туку дека непријателот е тероризмот кој што сака да ги заплаши луѓето и да направи раздор помеѓу нив. И денес веќе можам да кажам дека градот се враќа не во некоја нормала, туку во некој живот кој што мора да се врати. Моја генерална оценка е дека градот добро го поднесува и добро се справува со сето ова што се случуваше.
Глас на Америка: Каква е реакцијата помеѓу твоите пријатели и колеги, дека главниот извршител на овој терористички настан е од Македонија?
Бранислав Јовановиќ: Кога излезе таа информација, бев потресен, затоа што се плашев дека тоа ќе направи некоја стигматизација кон нас кој што сме од Македонија и дека може тоа да ги влоши и некои други работи, на пример, потешко да се добие работна дозвола и слично. Но мислам дека тоа не се случува. Реакциите од тоа што го следам јас, се генерално добри. Таа информација, повеќе се пласираше од гледна точка на информирање да се каже, која е позадината. Не беше тоа во насока, за луѓето кои се од Македонија. Дури се кажуваше и албанската етничка припадност на човекот. Но дури ни тоа не се кажуваше во насока на тоа, да се имплицира нешто негативно кон Албанците. Тоа беше повеќе во насока на информирање, како што се споделуваше информацијата дека оружјето и муницијата човекот ги набавил од Словачка. Мислам дека повеќе беше во таа насока и не гледам некоја реакција, во однос на тоа. Зборував со некои колеги од работа. Тие дури не ни изреагираа на тоа, велат нема врска тоа и тоа не е важно. Но многу се зборуваше, повеќе за потеклото на човекот, како системот потфрлил, пример неговата интеграција и ресоцијализација. Затоа што тој човек, пред околу две години бил осуден и бил во затвор, а потоа го поминал тој систем на пробација во затворот и тој тест за условно пуштање надвор.