Глас на Америка: Веќе пет години живееш и работиш во Виена. Каква е моменталната атмосфера во австриската престолнина. Се чувствува ли напнатост, како се живее овие два три дена, после терористичките напади?
Ида Протугер: Вчера се чувствуваше напнатост и улиците не беа така како што биле во претходните денови. Центарот беше затворен сосема. Меѓутоа денес животот се врати сосема во нормала. Децата одат на училиште во градинка. Центaрот е пуштен и се се одвива редовно, како да не се случило, пред два дена ништо по улиците. Но истрагата секако дека продолжува. Виена, она што сум го забележала е многу организиран град и властите наоѓаат начини како да ги комуницираат граѓаните. И мислам дека од тој аспект се многу брзо ќе се врати во нормала и нема да почувствуваме што се случило пред два дена. Се разбира дека раните ќе останат и тука ќе треба и ќе се отворат дебати, околу тоа како се случило, баш во срцето на еден демократски град, кој ги негува либерал демократските вредности, кој е мултикултурен и мултиетнички. Секаде вие можете да се разберете на многу јазици овде, администрацијата е прилагодена на потребите на граѓаните. Но како тоа се случи тука, како тој човек бил пуштен, како живеел, како се образувал, односно дали имал некој системски пропуст во сето тоа, треба да се добијат одговори
Глас на Америка: Но сигурно се уште постои некој страв да не се повтори нешто вакво. Го чувствуваш ли ти тоа лично на себе или твоите пријатели од околината, колегите од работа?
Ида Протугер: Искрено, толку е многу сигурен градот, што мене ми беше изненадувачки и тоа што деца од осум-девет години, сами се возат во јавниот превоз и сами одат на училиште. Имало и имаше инциденти со едно убиено девојче пред три години, но градот постојано и полицијата ги известуваше граѓаните, имаше реконструкции, како се изреагирало и како изреагирале властите и граѓаните едноставно стекнаа верба во овој систем и во полицијата, дека тие им кажуваат, на пример, ние го решивме за толку и толку, проблемот, вака и вака тоа се случи. На пример од првичните информации завчера, дека имало повеќе терористи, дека се пукало на повеќе локации, вчера истрагата утврди, дека всушност еден човек бил на сите локации. Иако за девет минути бил соборен од полицијата, тие локации се блиску една до друга. Секако дека има работи и кои не се споделуваат, но во главно оние работи кои се во однос на безбедноста и сигурноста на граѓаните се споделуваат.
Глас на Америка: Каква беше реакцијата во твојата блиска околина, кај колегите, кога се дозна, дека главниот напаѓач всушност е со македонско потекло?
Ида Протугер: Јас и мојот син бевме излезени и се шетавме, кога се слушна нешто, како пукање на петарди. Кога се вративме дома, една моја пријателка ме праша како сум, дали сме сите добри. На тоа јас прво се зачудив, бидејќи ние се слушаме на редовна база. И одеднаш добив известување од еден весник, каде како наслов стоеше престрелка. Јас мислев дека станува збор за престрелка меѓу банди, а на крај памет дека може да се случи вакво нешто, бидејќи ние живееме во многу сигурен град. Потоа се редеа информациите, се дозна за терористичкиот напад, како што се развиваше ситуацијата. Кога слушнав дека е со потекло од Македонија, нормално дека на никого не му е пријатно, некој од неговата земја да биде спомнуван во ваков контекст, кој што е ужасен и особено каде што настрадале луѓе. Меѓутоа криминалот и тероризмот не познаваат ниту религија, ниту етничка припадност, ниту граници. Едноставно има луѓе кои делат демократски вредности и веруваат во либерална демократија и има мала група на луѓе кои што секогаш од било која етничка определба ќе се случи да дојдат на страната на криминалот и тероризмот. Сега треба да се утврди, да видиме како ова младо момче, без разлика дали има потекло од Македонија, како влегло во тие води и што се случило и кој е контекстот на тоа да си го заврши на овој начин животот.