Линкови за пристапност

Европа: Вжештена дебата за рестриктивните мерки


Градски и регионални лидери во повеќе европски земји се погласно се спротивставуваат на рестрикциите кои ги воведуваат централните власти за спречување на ширењето на корона вирусот. Стравуваат дека централните власти не прават баланс меѓу спасувањето животи и заштитата на економијата.

Во Мадрид градоначалникот го испочитува законот донесен од Владата, но најави дека рестриктивните мерки ќе ги оспори пред судовите и дека ќе се обиде да ги укине.

Во Марсеј градоначалничката го изрази својот бес против Владата која нареди затворање на сите ресторани и барови во вториот град по големина во земјата велејќи дека ништо не може да оправда ваква одлука.

Ова е пресликано и во повеќе градови на северот на Англија. Градоначалниците и таму прашуваат дали рестрикциите даваат резултат зашто бројот на инфекции расте и во местата каде има строги мерки. Не ги игнорираат инструкциите од власта, иако минатата недела Енди Престон, градоначалник на Мидлсборо, мало пост индустриско гратче во Јоркшир, за малку ќе го направеше тоа – во еден момент изјави дека можеби нема да ја испочитува наредбата.

Престон ја критикуваше одлуката на централната Влада да забрани мешање со членови од други домаќинства во пабовите, рестораните и јавните места во градот што има 138 илјади жители. Тој рече дека новите строги правила ќе имаат негативен ефект врз работните места но и врз менталното здравје.

Престон не е сам. Градски и регионални лидери во повеќе европски земји стануваат се погласни со рестрикциите кои ги наметнуваат централните власти. Локалните лидери стравуваат дека централните власти не прават баланс меѓу спасувањето животи и заштитата на економијата.

Противењето на локалните власти доаѓа во исто време кога бројот на нови инфекции рапидно расте низ Европа. Централните власти предупредуваат дека доколку не се сузбие порастот на нови пациенти болниците би можеле да бидат преоптоварени.

Раст на бројот на нови случаи има во Италија и во Германија, држави за кои изгледаше дека добро се справуваат со пандемијата.

Италија е една од ретките земји каде локалните и регионалните лидери се залагаат за рестриктивни мерки дури повеќе од централната власт, често воведувајќи ги и пред да стигне наредба од Рим.

Во Кампаниа, регионалниот претседател Винченцо де Лука во саботата нареди сите жители да носат заштитни маски надвор од домот. „Нема друг начин. Маските мора да бидат носени на лицето, не на лактот“ рече тој.

Капмпаниа е еден од најгусто населените и најсиромашни региони во Италија кој во моментов има најголем број на нови инфекции во земјата. „Мора да се вратиме на строгите мерки од февруари, март и април, во спротивно ќе се разболиме“ предупреди тој.

Но, во други земји општините се гневни поради стравот од трајни економски последици. Во Обединетото Кралство и во Франција локалните лидери се жалат дека не се консултирани пред да бидат објавени нови рестрикции и дека не им се дава можност да учествуваат во креирањето на правилата.

„Градското Собрание на Марсеј не беше консултирано“ се пожали градоначалничката откако мината недела Владата воведе построги рестрикции во градот. Таа рече дека „одлуката за затворање на рестораните и баровите ми предизвика гнев и неверување.“

Општинските и регионалните критики на постапките на централните власти добиваат се поголема поддршка од јавноста во некои земји.

„Националната солидарност се претвора во прагматично, индивидуалистичко расположение“ вели аналитичарката Џанис Тарнер. „Секој пат кога правилата ќе се сменат луѓето губат по малку верба. Правилата стануваат несфатливи а со тоа се повеќе луѓе ќе почнат да го прават она што тие мислат дека треба да го прават“ вели таа.

XS
SM
MD
LG