Линкови за пристапност

Реакции на светските лидери по позитивниот тест на Доналд Трамп


Политичари и истакнати личности од целиот свет испратија желби за брзо опоравување до американскиот претседател Доналд Трамп и до неговото семејство откако беше објавено дека тој и првата дама, Меланија Трамп, се позитивни на корона вирусот.

Генералниот секретар на Обединетите Нации Антонио Гутереш испрати „искрени желби за брзо закрепнување до претседателот и првата дама.“

Првиот човек на Светската здравствена организација д-р Тедрос Аданом Гебрејесус на Твитер напиша дека „посакува Трамп и неговата сопруга целосно и брзо да закрепнат.“

Премиерот на Индија кој важи за близок сојузник на Доналд Трамп, Нарендра Моди, беше еден од првите шефови на држави кој испрати порака за поддршка.

Преку порака објавена на неговиот официјален веб сајт, претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, му посака добро на Трамп велејќи дека „сигурен сум дека неговата виталност, добар дух и оптимизам ќе му помогнат да се справи со опасниот вирус.“

Германската канцеларка, Ангела Меркел, издаде соопштение преку нејзиниот портпарол. „На Доналд и Меланија Трамп им испраќам најдобри желби. Се надевам дека ќе закрепнат добро од корона вирусот и дека наскоро ќе бидат сосема излекувани“ стои во соопштението.

Британскиот премиер Борис Џонсон кој и самиот го прележа вирусот кон крајот на март исто така испрати желби за брзо закрепнување.

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, кој се сретна со Трамп во Вашингтон кон средината на септември заедно со лидерите на Бахреин и на Обединетите Арапски Емирати, исто така испрати желби за брзо закрепнување.

Истото го направи и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Преку официјалниот профил на Твитер желби за брзо закрепнување изрази и претседателот на Авганистан Ашраф Гани.

Меѓу другите лидери кои испратија желби за закрепнување се премиерот на Италија Џузепе Конте, премиерот на Словенија Јанез Јанша, претседателот на Мексико Андрес Мануел Лопез Обрадор, претседателот на Зимбабве Емерсон Мнангава.

Кинескиот претседател Си Џинпинг засега нема јавна реакција по информацијата дека Доналд Трамп е инфициран со Ковид–19.

XS
SM
MD
LG