Линкови за пристапност

Сезоната во полн ек - активни повеќе тропски бури и еден ураган


Американскиот Национален центар за урагани внимателно следи неколку именувани бури и тропски депресии во Атлантскиот Океан и во Мексиканскиот Залив.

Ураганот Паулет се заканува на Бермудите а тропската бура Сали претставува закана за јужниот дел од САД.

Метеоролозите велат дека очекуваат Сали, која се наоѓа на околу 195 километри од брегот на Луизијана, да зајакне во ураган додека се движи на Североисток низ Мексиканскиот Залив. Се очекува да пристигне на брегот на Луизијана во вторник, а предупредувања за ураган се издадени за крајбрежјето на оваа сојузна држава како и за Мисисипи и делови од Алабама.

Луизијана се уште закрепнува по ураганот Лаура кој ја погоди минатиот месец и кој уби шестмина а предизвика штети од милиони долари.

Во меѓувреме Центарот за урагани во последниот извештај соопшти дека центарот на ураганот Паулет се движи кон Североисточниот дел од Бермудите. Бурата го погоди островот во неделата навечер со ветрови со брзина до 150 километри на час, обилни врнежи и опасно покачување на нивото на водата кое предизвика значителни крајбрежни поплави. Се очекува состојбата да се подобри до понеделник попладне кога бурата ќе се оддалечи од островот.

Претходно Центарот за урагани ја смени класификацијата на системот наречен Теди, од тропска депресија во тропска бура, се очекува да зајакне во моќен ураган додека се движи кон север во текот на оваа недела. Метеоролозите велат дека е премногу рано да се каже дали и Теди може да претставува закана за Бермудите.

Центарот за урагани го следи и системот наречен Рене кој се уште е тропска депресија и се наоѓа на околу 1.800 километри од островите Ливард. Метеоролозите очекуваат дека Рене ќе се расформира и дека нема да претставува закана.

XS
SM
MD
LG