Додека бројот на жртви по експлозијата во Бејрут се уште не е дефинитивен и лидерите на државата признаваат пропусти во многу области на управувањето, демонстрантите велат дека може да се стори многу повеќе за Либан да се врати прав пат по годините на широкораспространета корупција.
Ова е сликата за Либан денес, гледано однадвор. Но како е да се живее таму и да се биде очевидец на настанот што ја стави државата уште еднаш во несакан фокус?
Државата беше во длабока криза уште пред експлозијата, вели Македонка Трајковска, која живее во Бејрут и работи во канцеларијата на УНИЦЕФ.
„Ова е само капак на нeсреќите што се случуваат во Либан. Земјата е во длабока политичка и економска криза. Револуцијата започна некаде на 17 октомври, владата падна. Од тогаш до сега либанската лира девалвираше за 60 до 70%. Луѓето буквално ги загубија работните места. Има 60% невработеност. Луѓето се на раб на гладување. На пример ако сте земале 1000 долари плата, сега тие вредат 100 до 150 долари“, вели Трајковска.
Трајковска вели дека парите на луѓето се заглавени во банките. Нема приход од девизи, ниту пак има можност да се подигнат девизи од банка. Дополнително притиска корона кризата, со голем наплив на нови инфекции во време кога голем дел од медицинските залихи на државата, вклучително и опремата за заштита од Ковид, изгореа во експлозијата.
„Во овој политички и економски нестабилен контекст, кога имате соседи како што има Либан, кога имате бегалска криза, една ваква експлозија е нешто нереално. Либан по површина е 10.000 километри, Македонија е 25.000. Либан има четири до пет милиони жители и е домаќин на милион и половина до два милиони бегалци. Овде има бегалци, Палестинци, кои што се тука 70 години. Најголемиот број бегалци од Сирија е во Либан“, вели Трајковска.
Опишувајќи ја актуелната состојба како безизлезна, таа вели дека најголем дел од младите сакаат да ја напуштат државата.
„Ова е една типична приказна за лошо државно владеење. Власта е поделена по клуч на сектаријанство. Има 18 религиозни заедници кои што по клуч добиваат позиции во парламент. Либан уште во фаза на опоравување од граѓанската војна и навистина е многу тешко во ваква ситуација кога практично нема јавен, државен апарат. Нема добро владеење. Се работи за сериозно корумпирани политичари кои што постојано се менуваат едни со други. Во услови на технократска влада нема одговорност од политичарите и граѓаните се тие кои што за жал ги сносат последиците“, вели таа.
По експлозијата 300.000 луѓе останаа без своите домови.
„Во медиумите деновиве е објавена информација дека осигурителните компании нема да вратат ништо од осигурените домови затоа што експлозијата е од небрежност и невнимание. Тоа е уште еден показател колку неодговорна власт може да наштети на една држава“, вели Трајковска.
Светските лидери најавија околу 300 милиони долари помош за Либан, инсистирајќи на транспарентност во трошењето на парите загрижени дека испраќаат пари за корумпирана држава. Опоравувањето ќе биде долг процес.
Facebook Forum