Астероидот познат како 1998 ОР2 е именуван по годината кога е откриен. Безбедно ќе мине на растојание од 6.3 милиони километри од земјата, околу 16 пати поголемо од растојанието до Месечината.
Научниците од НАСА велат дека по астрономски стандарди тоа растојание сепак се смета за мало и затоа објектот треба да се набљудува.
Вселенската агенција смета дека сите објекти кои минуваат на растојание помало од 48 милиони километри се „близу до Земјата“.
Во НАСА има Канцеларија за координација на планетарна одбрана која внимава на ваквите објекти и која ги бележи нивните траектории низ вселената.
Во интервју објавено на веб страната на агенцијата менаџерот на Центарот за проучување на „објекти близу до Земјата“, Пол Чодас, вели дека верува оти веќе имаат пронајдено и следат околу 90% од ваквите објекти кои се поголеми од еден километар и кои може да претставуваат опасност за планетата.
Чодас вели дека ниту еден од досега пронајдените објекти не претставува значителна закана за Земјата.
Офицерот во Канцеларијата за планетарна одбрана, Линди Џонсон, вели дека објектите кои се доволно големи за да предизвикаат значителна штета на Земјата се ретки но сепак неизбежни.
Доколку таков објект биде идентификуван научниците велат дека имаат повеќе планови за заштита, во зависност од тоа колку време би имале.
Тие планови вклучуваат испраќање на вселенски брод кој би ја променил траекторијата на објектот или доколку има малку време лансирање нуклеарни оружја кои би го распарчиле објектот.