Линкови за пристапност

Уставен без одлука околу измените во Кривичниот законик


Предлогот за измените на членот се однесуваат на злоупотреба на службената положба на функционерите поврзана со јавни набавки и ќе се најдат на јавна расправа на една од наредните седници на Судот. Клучно во оваа иницијатива е што доколку помине во Уставниот суд дел од предметите на СЈО би застареле

СКОПЈЕ – Деветмината уставни судии неколку часа, зад затворени врати и на колегиум, расправаа околу предлогот за измени на членото 353 во Кривичниот законик кој се однесува на злоупотребата и малверзациите при јавните набавки сторени од државни функционери. Интересот на јавноста е огромен бидејќи за ова дело се гонат многумина обвинети од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), но сепак од Уставниот суд се воздржаа од било какви информации за текот на денешната дебата.

„Уставниот суд на Република Северна Македонија на ден 19.11.2019 година одржа стручен колегиум на сите судии. На колегиумот се разгледуваше оформениот предмет по иницијативата У.бр.106/2019, со која е оспорена одредбата од член 353 став 5 од Кривичниот законик. На седницата на стручниот колегиум сите судии ги изнесоа своите размислувања за неколку важни и спорни прашања покренати на претходната седница. Уставниот суд ќе донесе мериторна одлука на една од наредните седници“, стои во кусото соопштение од Судот.

Според нашите извори во Уставниот суд, предметот добил зелено светло да биде поставен на наредната или на седницата по неа. Но каква ќе биде одлуката засега е рано да се кажа.

„Со колегите имавме исцрпна дискусија. Одлучивме предметот да го ставиме на јавна расправа на првата или втората седница на Судот. Мислам дека тоа ќе се случи најдоцна за дваесетина дена. Јавноста ќе биде присутна а не би сакал да прејудицирам каква ќе биде одлуката“, вели нашиот извор.

Инцијативата за измени во кривичниот законик ја поднесе адвокатот Еленко Миланов кој застапува неколку поранешни функционери обвинети во случаите кои ги водеше СЈО. Како образложение тој наведе дека членот е спротивен на препораките на ЕУи побара да се да се укине а ако тоа не може да се стори да се знамалат предвидените максимални затворски казни.

Исто така Миланов, во инцијативата наведе дека е потребно и вината да се однесува и на пониските ешалони во институциите, односно покрај министрите, дел од одговорноста да сносат и членовите на комисиите за јавни набавки.
Клучно во оваа иницијатива е што доколку помине во Уставниот суд дел од предметите на СЈО би застареле. Минатата година имаше обид и во Собранието да се укине овој член од законот, но по реакции од јавноста, иницијативата беше стопирана.

Во однос на инцијативата на минатата седница на Уставниот суд имало жестока дебата и поделени мислења меѓу судиите. Судиите Елена Гошева и Јован Јосифовски спореле дали службеното лице може да биде одговорно за набавка за која одлучува комисија, велејќи дека, казната од пет години затвор за ова дело се изедначува со убиство. Осман Кадриу реагирал дека со ова се бара, одредени лица да бидат осудени по секоја цена, а Дарко Костадиновски барал одлагање. Претседателот Сали Мурати, пак, ја бранел тезата дека, во секоја земја злоупотребата на буџетски средства е најголемо кривично дело. Вчера реагираше и министерката за правда, дека работа на уставните судии е да ја оценуваат уставноста, а не да дебатираат за кривични одредби од законот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG