СКОПЈЕ - Жестоки реакции на двете најголеми партии од македонскиот политички блок по изрекувањето на пресудата за обвинетите за упадот и насилствата во Собранието од 27 април 2017 година кои добија вкупно 211 години затворска казна. Опозицијата обвинува за политички монтиран процес и партизирано судство додека владејачката СДСМ смета дека ВМРО - ДПМНЕ се уште е под плаштот на Никола Груевски и поддржува и штити насилство.
Опозициската ВМРО - ДПМНЕ, неколку часа по соопштување на пресудата одржа прес- конференција на која обвини дека станува збор за драконски казни изречен во монтиран процес со политичка позадина. За нив, Обвинителството и Судот работат под диктат на премиерот Зоран Заев а пресудата е доказ дека во државата не постои владеење на правото.
„ Денешната пресуда за случајот 27-ми април е резултат на политички монтиран процес, и е производ на евидентна неправда. Се потврди нашето тврдење дека казните ќе бидат драконски, не затоа што се праведни, туку спротивното, затоа што во овој случај се суди според политички мотиви, а не правни факти. На дело се демонстрираше Кацарска судството и Русковска обвинителството кое за жал се потврди дека се само слуги на Зоран Заев.Македонија е држава каде што се гази правдата и владеењето на правото не постои, тоа на секому му е јасно“, изјави Игор Јанушев, генерален секретар на партијата.
Реагираше и претседателскиот кандидат од опозицијата, Гордана Силјановска Давкова, која ги оцени казните како вознемирувачки по селективната амнестија и инструментализиранато менување на Кривичниот законик. Таа нагласи дека тие кои што ги отворија вратите од Собранието и го овозможија насилството денеска шетаат како слободни луѓе.
„ Денешните пресуди за лицата поврзани со овие настани се само финалето на еден долг процес, кој покажа дека и судството, правото и правдата се политизирани. Наместо правно и правично втемелен процес, видовме процес кој остави темни дамки на правосудството, сцени на несоодветно постапување со обвинетите, притвори како казни, пазарење заради обезбедување мнозинство во Собранието, и конечно денес, драконски казни. Човекот кој ја отвори вратата на Собранието, забележан и од камерите, шета како слободен човек“, напиша Слијановска.
Незадоволство од пресудата изрази и Зијадин Села, претседател на партијата Алијанса за Албанците, кој беше брутално претепан во Собранието. Тој негодуваше за висината на казната изречена на полицаецот Абдулфета Алими кој му го спаси животот критичната вечер. Според Села, казната е симболика на сегашниот режим на Заев и Ахмети.
„Ти си во затвор бидејќи јас сум жив, и затоа нема зошто да бидеш како тие што сакаа да ме видат мртов. Како тие што денес се живи, но потонати во криминал. Да, да, тие се слободни, дури и на владеачки позиции. Ти си симболика на политизираното судство и со двојни стандарди. Симболиката на минатиот режим не може да биде Фета, туку е Али со Никола. Ти и твојата казна денеска сте симболиката на сегашниот режим на Али и Зоран. Подобро никогаш да не ги отворев очите вечерта на 27 април, отколку да го живеам овој срам. Да, ти си виновен. Виновен си што денеска јас се чувствувам виновен што немам сила да ти помогнам. Виновен си што сум жив“, напиша Села на својот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Владејачката СДСМ пак со реакција на обвинувањата на ВМРО - ДПМНЕ која според нив не излегла од матрицата на Никола Груевски и штити насилство.
„Само ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски оправдуваат насилство! Тоа докажува дека матрицата на Никола Груевски за насилство, криминал и конфликти функционира и денес преку Христијан Мицкоски и врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Заврши времето кога се нарачуваа и монтираа случаи, кога се вршеше политички прогон и кога се диктираа и пишуваа пресуди надвор од судовите, најчесто во белиот дворец“, стои во соопштението на партијата.
На кандидатката за претседател Силјановска пак, од СДСМ и реплицираа дека се крие зад ефтини изјави и дека исто така поддржува насилство.
„ Дали како професор по правни науки не смета дека на 27 април брутално беше нападната демократијата? Дали на 27 април во собранието имаше обиди за убиство? И дали се срами што е поддржана од политичка структура која има крвави раце? Лицемерно е Силјановска да зборува за селективна правда кога зад неа стои партијата која е симбол за селективност, партизација и притисоци врз судството и обвинителството“, потенцираа од СДСМ.
Попладнево, кривичниот совет со кој претседава судијката Добрила Кацарска го прифати барањето на Обвинителството и на сите шестнаесетмина осудени во судскиот процес за 27 април им одреди притвор. Од судската сала тие беа спроведени во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари.
Судскиот процес почна во август минатата година и по седум месеци интензивни рочишта денеска беше донесена пресудата за седумнаесетмината обвинети за упадот и насилствата во Собранието од 27 април 2017 година познат како „крававиот четврток“. Шеснаесет беа прогласени за виновни за кривичното дело за кое се товареа, терористичко загрозување на уставниот поредок и осудени на вкупно 211 години затвор. Игор Дурловски беше ослободен од обвинението.
Највисока казна доби тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) и носител на т.н. „златна команда“ Митко Чавков кој е осуден на 18 години затвор. Обвинетите Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски - Леви, Мумир Пепиќ, Јане Ченто, Влатко Трајковски и Никола Митревски Кољо се осудени на 15 години затвор. Вилијам Михајловски доби казна од 14 години, Оливер Поповски 13 години, Горанче Ангелов, Игор Југ и Младен Додевски по 12, Оливер Радулов 10 години, Александар Василевски - Нинџа 8 години и Абдулфета Алими ја доби најмалата казна од 7 години затвор.
Судскиот процес стартуваше со 33 обвинети меѓу кои беа петмина пратеници. Со законот за амнестија, изгласан во декември минатата година, амнестирани беа 15 обвинети вклучувајќи ги и пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски кои ја отворија вратата од Собранието и овозможија толпата да упадне внатре и да ги нападне и претепа нивните колеги во Парламентот.
Facebook Forum