Линкови за пристапност

Партиските конгреси ќе ги дадат кандидатите за претседател на Македонија


Консезуален кандидат на владејачкото мнозинство нема да има. Секоја партија ќе оди со свој кандидат. Засега официјални кандидатури има само кај опозициската ВМРО - ДПМНЕ. За прв пат се јавува можност функцијата претседател да ја извршува жена

СКОПЈЕ -Трите најголеми политички партии од македонскиот и албанскиот политички блок ќе истрчаат со сопствени кандидати на претстојни претседателски избори. Идејата за консензуален кандидат на владејачкото мнозиство СДСМ и ДУИ остана само во најава иако од Мала Речица потврдија дека се подготвени да ја дадат поддршката на кандидат Македонец кој би бил прифатлив за нив, а во договор со Бихаќка. Сепак, од двете партии брифираат дека опцијата во последен момент да биде постигнат договор останува отворена.

СДСМ тргна по стапките на опозициската ВМРО - ДПМНЕ и одлучи да распише јавен оглас за кандидати за претседател на државата кои ќе бидат филтрирани низ партиските тела а потоа на конгрес кој ќе се одржи на 3 март ќе се избере кандидатот со кој партијата ќе оди на избори.

Оттаму не откриваат дали и колку кандидатури пристигнале, а неофицијално, ќе се бира помеѓу четворица - вицепремиерката Радмила Шеќеринска, министерот Оливер Спасовски, министеротНикола Димитров и Стево Пендаровски. Од партијата постојано ги мерат рејтинзите на овие четворица потенцијални кандидати.

Она што е сигурно е дека премиерот Зоран Заев останува во Владата.

„Јас би бил идеален консензуален кандидат за претседател, гледајќи ги рејтинзите, ама уште сум млад за да се кандидирам“, изјави денеска премиерот Заев.

Шеќеринска пак најави дека нема да се кандидира, без да прецизира кои би биле нејзините чекори доколку партијата одлучи да ја кандидира.

ДУИ жестоко реагираше на одлуката на СДСМ да оди со свој кандидат. Лидерот на партијата Али Ахмети кажа дека партијата не се откажува од принципот за консензуален претседателски кандидат, но само кога ќе има реципроцитет. Поддршката за кандидат кој би бил избран на партиски конгрес на СДСМ не е ниту опција за раководството во Мала Речица.

„Излегуваат со изјава дека ќе прават Конгрес. На туѓа свадба не одам. Ниту на свадба непоканет не одам. Овие неодговорни потези на СДСМ, на неколку нивни високи претставници се некоректни. Ние не сме ничија патерица, ниту, пак, сме нечија опашка. Ниту претходно на Груевски, ниту сега на Заев. Направивме длабока анализа и решивме да излеземе со наш кандидат“, рече Ахмети.

ВМРО - ДПМНЕ на почетокот на јануари распиша оглас за кандидатури за претседателски кандидат кој ќе се избере на Конвенцијата која ќе се одржи на 16 февруари во Струга. На огласот се пријавија десет кандидати но една беше отфрлена. Најсериозни кандидати на опозицијата се пратеникот Влатко Ѓорчев и професорката Гордана Силјановска.

Во опозициската партија ќе биде неизвесна борба до последен момент бидејќи и Ѓорчев и Силјановска имаат поддршка од членството и симпатизерите.

„Зад Ѓорчев стојат долгогодишни и истакнати членови на раководството. Ѓорчев е од самото создавање член на партијата што му оди во прилог. Предноста на Силјановска е во тоа што таа би можела да донесе гласови „од страна“, гласачи кои не се ниту членови ниту активисти на партијата. Клучна ќе биде поддршката актуелното раководство. Има уште една недела, период во кој ќе се лобира и ќе се мерат рејтинзите“, брифираат партиски извори.

За прв пат во историјата на независна Македноја се отвара можноста функцијата Претседател на државата да ја извршува жена доколку двете најголеми партии од македонскиот политички блок ги номинираат Шеќеринска и Слијановска како кандидати.

Оваа можност не ја исклучи ниту премиерот Заев кој на новинарско прашање кажа дека му се допаѓа идејата две дами да се борат за функцијата, но истовремено порача деказа тоа партиите ќе треба да одлучат.

Спикерот Талат Џафери, минатата недела, на брифинг со новинарите најави дека доколку на изборите не се постигне неопходниот цензус од 40 отсто во вториот круг, за шест месеци претседателските избори ќе треба да се повторат, а тој е подготвен во меѓувреме тој да ја врши функцијата претседател на државата.

„Според Уставот не може да има празнина во функцијата. Тоа што сум презел одговорност да бидам претседател на Собранието тоа значи дека сум ја презел цела одговорност, а една од тие одговорности е и таа“, рече Џафери.

Тој попладнево ги распиша шестите по ред претседателски избори во независна Македонија. Првиот круг ќе се одржи на 21 април а втриот на 5 мај. Мандатот на актуелниот претседател Ѓорге Иванов завршува на 12 мај.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG