Минатата недела, двајца 20-годишници од Бангладеш, биле пренесени со тешки телесни повреди и во животно-загрозувачка состојба во Клиничкиот центар во Скопје, откако комби-возило со 13 мигранти удрило во заштитна ограда на автопатот кај Велес. Другите патници од возилото кои избегале по сообраќајката се подоцна приведени од полицијата, но возачот избегал. Во септември, во сообраќајна несреќа пред тунелот Катланово, на истиот автопат, во превртено комби-возило кое превезувало мигранти се повредени 18 лица, од кои, пет со потешки телесни повреди.
„Нешто мора да се преземе околу ,,сообраќајките” во кои има и смртни случаи. Тоа се главно примери на организиран шверц со луѓето кои се обидуваат да поминат низ Македонија на својот пат кон Запад, а во тие шверцерски мрежи се вклучени лица од целиот Балкан“, изјави Ленче Здравкин за Гласот на Америка на македонски јазик.
Иако „Балканската рута“ на бегалците и мигрантите речиси две години е официјално во прекин, а бројот на мигранти и бегалци во транзитните центри „Винојуг“ во Гевгелија и Табановце не надминува неколку десетици лица по камп, сепак, криумчарењето мигранти е сѐ уште доходовен бизнис и предизвик за криминалните структури. Секојдневно, полициските билтени објавуваат податоци за нови случаи на шверц и на откриени лица кои се обидуваат нелегално да поминат низ Македонија на патот кон европските земји, а зачестени се и сообраќајните несреќи на возила полни со патници, кои организираните групи шверцери, за паричен надомест ги транзитираат низ Македонија.
„Балканската рута не е прекината. Навистина динамиката и бројот на лицата кои од југ се обидуваат да поминат низ Македонија и преку Србија да продолжат кон државите на Запад, се намалени, но бегалци и мигранти има сѐ уште. И во другата насока, со лица кои од Србија, преку Македонија, се обидуваат да се вратат во Грција. Тука се, низ Македонија, секојдневно... Тој процес никогаш и не бил прекинат во последните две и пол години“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, хуманистката Ленче Здравкин, низ чиј дом, речиси секој ден или ноќ, во потрага по среќата, минуваат паталци - мигранти и бегалци.
Македонските граници ги обезбедуват војници на АРМ и припадници на македонското МВР, како и полицајци од европските земји кои соработуваат со Македонија и припадници на Европската агенција за гранична и крајбрежна контрола – „Фронтекс“, која во согласност со планот на ЕУ за контрола на надворешните граници, најави и распоредување на дополнителен број свои припадници на границите на Србија, Македонија и Албанија. Но, ниту тие, ниту поставената жичена ограда на македонско-грчката граница, не можат целосно да ги спречат луѓето кои се обидуваат да стигнат на Запад.
Само кон крајот на летото, полицијата открила и задржала околу 500 бегалци и мигранти главно од Пакистан, Авганистан, Иран и Сирија, но и од Либија, Шри Ланка, Индија..., кои се обиделе нелегално да заминат кон западните земји. Според полициските билтени, минатата недела, седуммина Авганистанци беа откриени во автомобил на граѓанин на Гевгелија, други седум лица од Авганистан и Шри Ланка - во возило со скопски регистарски таблички, а петмина биле запрени на меѓуградската автобуска станица во Скопје. Сите се предадени во Прифатниот центар за странци, а против превозниците е покрената постапка. Во близина на Демир Капија, во паркирано товарно возило „Рено Мастер“ со скопски регистарски ознаки, без возач, биле откриени 33 лица, а две лица за кои постои сомнение дека го управувале возилото биле приведени во полициската станица во Неготино. Во втората половина на септември, полицајци од станицата за граничен надзор Сопот, на граничната линија со Србија, кај селото Лојане, во тринаесет случаи на обиди за премин на границата од Србија, спречиле 121 мигрант, главно од Иран.
„Бројот на бегалци, кои на својот пат низ Македонија застануваат кај нас, е истиот од летниот период. Тоа се главно бегалци и мигранти кои се движат пеш, и месечно, кај мене застануваат од 100 – 120 лица. Тоа, едноставно, не престанува! Главно, се работи за помлада популација, за возрасни мажи, а сѐ поретки се случаи на семејства, само понекогаш тоа се татковци со по две-три деца... Групите се главно мешовити според националноста, претежно се лица од Авганистан и Пакистан, а еве, деновиве имавме и бегалци од Мароко... И се обидуваме, колку е тоа можно, на сите да им помогнеме. Да им овозможиме да се одморат, да добијат храна и течности пред да продолжат со патот“, вели хуманата велешанка која од започнувањето на бегалската криза во Македонија, веќе четврта година, се обидува да помогне колку што може и која за својата активност беше прогласена за „Жена на годината“, го доби признанието „Мајка Тереза“ и неодамна и наградата од велешкиот Црвен крст - „Хуманите луѓе од нашиот град“.
Од искуствата на пријатели и роднини кои пред нив го поминале макотрпниот пат, дел од актуелните бегалци токму домот на Здравкин го имаат забележано на картите и на ГПС-уредите, како пријателска локација и своевиден пункт на кој во секој период од деноноќието можат да добијат помош и охрабрување.
„Покрај подготвувањето храна, се трудиме колку што можеме да им обезбедиме на бегалците и потопла облека оти и температурите се сѐ пониски, како и удобни обувки, пред сѐ, патики. Особено им е важна медицинската помош, главно настинати доаѓаат од Грција каде е уште топло, и ги погодуваат температурните разлики... Медицинската помош ја добивам претежно од граѓаните, а сега се обидувам да добијам лекови и од фармацевтските куќи, ако можат барем малку да помогнат со прва помош, за раните од пешачењето и за настинките на бегалците, со основни работи, како јод, алкохол, преврски, лекови за болка...“, ни изјави Здравкин.
Facebook Forum