СКОПЈЕ - „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ е референдумското прашање на кое граѓаните ќе се изјаснат на 30 септември. Референдумот ќе има консултативен карактер и без разлика на исходот, Собранието ќе го има последниот збор околу промената на Уставот и уставното име.
Едногласно, со 68 гласови „за“ пратениците, без присуство на опозицијата, денеска ја изгласаа одлуката за распишување на референдум за промена на уставното име.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, рече дека со одлуката се пишува и создава историјата и се создаваат услови Македонија да стане европска држава со стабилна и безбедна иднина.
„Знам дека оваа одлука не е лесна. Знам дека на сите ни претставува сериозно прашање, дури и на моменти болно. Но, ЕУ и НАТО се единствената алтернатива што ја имаме. Ние друга можност или друг избор немаме. Процесите што следуваат во наредниот период се коцки од мозаикот кој кога ќе биде завршен ќе обезбеди безбедна и стабилна иднина. Пред нас е шансата да изградиме европската иднина за нашите деца“, рече Тунтев.
Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои поднесоа два амандмани за одлуката за распишување на референдумот, ја напуштија салата по обраќањето на нивниот пратеник Никола Мицески кој го повтори партискиот став дека референдумското прашање е непрецизно и обвини дека се манипулираат граѓаните.
„Со самото тоа што референдумот е консултативен тоа покажува дека за вас ова е само форма и остава можност резултатот да го толкувате како сакате. Оваа одлука треба да биде задолжителна. Дали ако нема цензус, а повеќето граѓани гласаат „за“, тоа може да се толкува како одобрување и институциите да продолжат со реализација на овој договор? Ги наведувате граѓаните, она што не го сакаат, Договорот со Грција, да го поистоветат со влез во ЕУ и НАТО што е сон на секој граѓанин. на овој начин брутално ја кршите демократската практика“, рече Мицески.
Претходно генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, го обвини парламентарното мнозинство за самоволието околу најважното прашање, референдумот за Договорот за името.
„ Има брутално газење на воспоставената демократска практика било кое референдумско прашање и неговото формулирање да биде донесено по пат на заеднички конзензус со релевантите политички субјекти. Потребно е референдумското прашање да биде сосема јасно и прецизно и единствено поврзано со договорот. Прашањето кое се предлага е во целосна спротивност со законот, истото е двосмислено и повеќезначно, и пред се манипулативно“, рече Јанушев.
Реакциите на останатите политички партии се различни.
Пратеникот на ДУИ, Џеват Адеми, рече дека„за дел од сограѓаните Македонци сето ова е болно“ и нагласи дека се надева дека на 30 септември „граѓаните ќе знаат да ја исполнат историската мисија“.
Лидерот Алијансата на Албанците, Зијадин Села, од собраниската говорница порача дека референдум не е потребен.
„Албанската опозиција беше исклучена од процесот на донесување на Договорот со Грција. Алијансата за Албанците смета дека референдумот не е потребен но бидејќи Договорот е ратификуван тој за нас е службен документ сеедно што не е потпишан од претседателот на државата“, рече Села.
Крилото на БЕСА предводено од Биљал Касами ја поддржа одлуката за распишување на референдумот бидејќи е клуч за влезот во ЕУ и НАТО.
„Сега се појави можноста за влез во ЕУ и НАТО но и идеи за менување на границите. Затоа треба да сме свесни дека членството во НАТО е клучот за стабилност на земјата. Како Албанец ги замолувам Македонците сериозно да размислат за иднината на нашите деца, вашиот јазик и вашата иднина. Можеме заедно да ја водиме битката за вашиот идентитет“, изјави Реџеп Мемеди.
Трошоците за спроведување на референдумот ќе изнесуваат 210 милиони денари односно 3,5 милиони евра а средствата ќе бидат обезбедени од Буџетот на РМ.
Facebook Forum