„Позитивен чекор“ - коментира дел од домашната експертска јавност за владиниот акциски план 3-6-9 за спроведување на реформите кои треба на Македонија да и обезбедат чиста препорака за старт на преговори и евентуално одредување датум за почеток на разговорите за членство во ЕУ. Сепак, познавачите предупредуваат дека станува збор за долга, а не за трка на куси патеки.
„Неопходните реформи што треба да ги исполниме се маратон и не можеме да ги разбереме само како спринт на кратка патека и мислам дека со овој план владата тоа го навестува зашто во него ветува транспарентност и инклузивност. Овој план што е пред нас е план за 3 месеци, за 9 месеци ќе треба да биде сработено многу повеќе од она што го имаме пред нас. Јас би се оградила во однос на роковите зашто мислам дека и тие 9 месеци се многу кус рок за да се направи суштински напредок за некои од овие прашања пред се за подобрување на квалитетот на живот и владеење на правото дома“, изјави Симонида Кацарска од Институтот за Европска политика.
Опозицијата критикува зашто, како што вели, владата воопшто не ја консултирала при изготвувањето на 3-6-9 планот.
„Би сакал во име на пратениците на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да изразам разочараност и загриженост зашто нема разговор со опозицијата, нема подадена рака, нема дебата, нема јавност, ниту понудена рака до опозицијата. Владата сама си го донела планот без да ја вклучи јавноста, опозицијата“, рече Илија Димоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Владата пак побара соработка од сите сегменти на општество - уверувајќи дека реформите ќе се прават врз принципиелни и реални основи и нема да бидат избрзани.
„Најавувам демократски парламент, реформи во судството и во медиумите, борба против корупцијата и криминалот, реформи во јавната администрација и во безбедносните служби, услови за фер и демократски избори, кохабитација со Претседателот на РМ, владата ќе продолжи да соработува со невладиниот сектор“, рече премиерот на Македонија, Зорам Заев.
Идејата е за 3 месеци да се заокружи првиот циклус реформи и да се обезбедат аргументи за тргање на условената препорака. Во наредните 3 месеци да се спроведе втора фаза од реформите, за веќе во последното тромесечје преку позитивен извештај на ЕК земјите-членки да се насочат кон одредување датум за старт на преговори – чекор што зависи и од прашањето за името кое Грција го наметна како услов за напредок на Македонија во евроинтеграциите.
Facebook Forum