Линкови за пристапност

„Дневник“ згасна и замина во историја


Првиот приватен весник во Македонија, денеска за последен пат се најде на трафиките. Згаснуваат и порталите на „Вест“ и на „Утрински Весник“ , дел од групацијата МПМ, кои престанаа да се печатат во април. Стотина новинари и медиумски работници се на улица и со неисплатени плати

„Од утре весникот веќе не излегува. Вие сте на одмор, до крајот на месецот ќе се ликвидира фирмата. Заостанатите плати ќе ви бидат исплатени“. Ова пред неколку часа менаџментот им го соопштил на вработените во „Дневник“, весникот кој се издава од март, 1996-та година. Вработените останале затекнати и си заминале дома.

„Имавме редовен колегиум како и секој ден. Дојде сопственикот и ни соопшти. Не знам што да ви кажам. Крај на една агонија која траше со години“, вели новинарот Горан Адамовски.

Адамовски и уште седумдесетина новинари не се исплатени за последните три месеци. Тие остануваат на улица и без работа.

Новинарите ја лоцираат вината исклучително кај менаџментот и политичкото влијание и притисок. Тие сметаат дека лошото финансиско работење и губењето на уредувачката политика, класично заземајќи страна и бранејќи ги ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, се причините поради кои весниците, па и МПМ пропаднаа.

Турбуленциите и проблемите во најголемата медиумска групација МПМ под чија капа беа весниците „Дневник“, „Вест“ и „Утрински Весник“, неделникот „Теа Модерна“ и порталот „Телеграф“, почнаа пред речиси една година. Новинарите неколку пати излегоа на штрајк.

На штрајкот му претходеа намалувања на плати, закани, уцени, отпуштања и персонални рокади, смени на уреднички тимови и промена на уредувачката политика во трите весници . Долгогодишни истакнати новинари и уредници од трите весници беа отпуштени од работа или пак не им беа продолжени договорите, а на нивни места беа донесени нови лица. Тиражот на трите весници бележи огромен пад по смена на уредничките тимови и политики.

Во декември минатата година се случи првата од неколкуте промени во сопствеништвото на МПМ и на весниците. Дотогаш со медиумската куќа раководеше тројката Орце Камчев, Јана Станисављева и Срѓан Керим. „Орка Холдинг“ на Камчев и „Интернет Инвестмент Груп“ на Станисављева, во средината на декември по миниимална цена му го продадоа сопственичкиот удел во МПМ на фирмата „Графички Центар“на Керим.

Во април беше отворена претстечајна постапка поради милионски долг, а Керим упорно ги избегнуваше вработените на кои се` уште им должи една плата, но и јавноста која од него бараше одговори. Таа фирма веќе е во стечај, а имотот е блокиран.

Поранешниот директор на МПМ, Александар Динев, во февруари ја отвори фирмата со речиси идентично име „Медиа Принт“ ДООЕЛ, која е регистрирана на неговата домашна адреса во населбата Влае во Скопје. Тој објави оглас за вработување на 55 новинари на ограничено работно време од шест месеци со плата од 20 илјади денари. И тој ниту еднаш не одговори на десетиците повици и пораки кои му ги испративме за да ја презентираме и неговата страна.

Кон крајот на април престанаа да се печатат „Вест“ и „Утрински Весник“ кои продолжија да функционираат како протали со по неколку вработени.

Финансиското работење на МПМ и пропаста на најсилната медиумска групација во Македонија го привлече и вниманието на Специјалното јавно обвинителство чии истражители неколку пати беа во дирекцијата проверувајќи документи. Станува збор за нелегално финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ на чија сметка биле уплаќани стотици илјади евра додека фирмата била на работ на финснсиски колапс. Засега епилог нема.

Против поранешните сопственици Керим и Јана Станисављева, Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство за злоупотреба на службената положба и овластување со образложение дека го намалувале имотот на правното лице со незаконски дејства, а со цел да згаснат дневните и неделни списанија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG