Хан и европратениците Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн, сметаат дека ако има парламентарното мнозинство, тоа треба да се прифати од сите за побрзо да се формира Влада и да се излезе од политичката криза.
„Повикуваме на брзо формирање на нова влада која ќе биде посветена на имплементацијата на итните реформи. Партиите и новата влада треба да продолжат со имплементацијата на сите делови од Пржинскиот договор“, соопшти делегацијата од Брисел.
Тие повторно побараа од претседателот Иванов да размисли околу одлуката да не му го додели мандатот на лидерот на опозицијата Зоран Заев.
„Го охрабруваме претседателот Иванов итно да ја преиспита својата позиција, нема време за губење. Сега очекуваме сите политички лидери и институции да остават демократскиот процес нормално да тече, во интерес на граѓаните на земјата. Одолговлекувањата од минатите месеци веќе ја оштетија економијата на државата“, стои во зедничкото соопштение.
Хан не го коментираше отсуството на претседателот Иванов, но посочи дека во ситуација кога држвата е во политичка криза, многу е важно претседателот да биде во земјата и да учествува во преговорите бидејќи тоа од него го очекуваат граѓаните.
Делегацијата уште еднаш побара да се намалат тензиите и говорот на омраза.
„Особено ги повикуваме сите да се воздржат од какви било акции и изјави кои можат да предизвикаат меѓуетнички тензии или да ги влошат добрососедските односи. Никој не смее да си игра со оган, длабоко сме загрижени поради тензиите и говорот на омраза. Слободата на собирањето и слободата на говорот се основните права во демократските општества, но тие доаѓаат со одговорност“, порача Хан.
Пред заминување еврокомесарот кажа на што се надева официјален Брисел.
„Очекуваме во следните неколку дена да видиме сериозно и одговорно лидерство од страна на соодветните институции, кои ќе овозможат брзо формирање на нова и солидна коалиција. Ова е единствениот начин за враќање кон европскиот пат – нешто што им е потребно на вашите граѓани и што тие го заслужуваат“.