Линкови за пристапност

Заев му ги предаде потписите на претседателот


Се верува дека Иванов набрзо ќе му го додели мандатот на лидерот на СДСМ со рок од 20 дена да состави влада.

Зоран Заев денеска во кабинетот на шефот на државата ги предаде 67-те пратенички потписи кои се доказ дека СДСМ има обезбедено мнозинство во Парламентот врз основа на што Ѓорѓе Иванов треба да го додели мандатот за формирање влада. Очекувањата за наредниот период, лидерот на СДСМ ги кажа пред да влезе на состанокот со Иванов.

„Овие потписи овозможуваат да заврши кризата во Република Македонија и конечно државата да се придвижи напред, во функција на враќање на животот во Македонија. Денеска, очекувам господинот Иванов да го врачи мандатот во најбрзо можно време за да може да отпочнеме преговори за создавање и формирање нова влада за граѓаните на Република Македонија. Истовремено, ја користам можноста да испратам порака до сите граѓани, но и до институциите на државата, дека следува мирен и брз трансфер на власта во Република Македонија“, рече Заев.

Неофицијално, Иванов на средбата најавил дека набрзо веќе утре или задутре ќе му го додели мандатот на Заев по што тој ќе има рок од 20 дена до Собранието да ја достави програмата на идната влада како и нејзиниот состав. Во потписите што ги предаде Заев се оние на 5-те пратеници на БЕСА, тројцата на Алијансата за Албанците и 10-те пратеници на ДУИ. Партијата на Ахмети се` уште не донела формална одлука дали ќе биде дел од владата предводена од СДСМ или само ќе и` даде парламентарна поддршка, откако социјалдемократите и ДУИ ги затворија проблематичните прашања како она за употребата на албанскиот јазик.

Никола Груевски кој за истите работи преговараше со Ахмети, по неуспехот да договори соработка, порача дека унитарноста на државата е нападната и дека, како што кажа, народот треба да ја одбрани.

Политичките тензии се пренесуваат и на улиците – за денеска, по петочниот, најавен е нов протест – пред владата. На повикот што се дистрибуира низ социјалните мрежи стои „Црвената линија ја поминавте, црвено-жолтата - не“.

XS
SM
MD
LG