Линкови за пристапност

Муџахедините од нашето маало


Imam Redjep Memishi
Imam Redjep Memishi

Скопје е меѓу петте локации во светот според бројот на жители кои произвеле најголем волумен и пропорции на странски борци за Исламската држава

Улицата Јајце во скопски Чаир не е ништо поразлична од останатите малечки улички во населбата - тесна со ќуки од двете страни. Нема нешто по што би ја запаметиле или сакале да ја посетите. Меѓутоа оваа улица е маркирана кај безбедносните и разузнавачките служби откако шест момчињa заминаа во Сирија да се борат на страната на Исламската држава (ИД) и таму загинаа. Сите се познавале меѓусебно бидејќи биле со приближна возраст и оделе во истата џамија да ги слушаат проповедите на радикалниот имам.

„Првата информација ја добивме во 2013 година кога едно 19 годишно момче од скопски Чаир беше ликвидирано во Сирија во борбите со силите на Асад. Истрагата покажа дека уште две момчиња, негови пријатели во моментот се таму и се борат во редовите на ИД. Сите живееја на оддалеченост од стотина метри“, вели нашиот соговорник и поранешен службеник во Управата за безбедност и контраразузнавање кој побара да остане анонимен.

Истражувањата за верскиот радикализам во Македонија и Западниот Балкан, спроведени одУниверзитетот Колумбија од Њујорк, покажале дека Скопје е во петте града од каде потекнуваат најголем број на доброволци кои заминале да се борат во редовите на терористичките органиации ИД и Ал Каеда.

„Од 2012 година од Македонија се регистрирани околу 400 лица кои биле активни во редовите на терористичките организации на боиштата во Ирак и Сирија.Според официјалните информации потврдени од безбедносните служби Скопје е на петто место ако се спореди бројот на жители и бројот на доброволци“, изјави Дејвид Филипс, шеф на програмата за градење на мирот и човечките права од Универзитетот Колумбија.

Македонската полиција спроведе неколку акции во кои беше разбиена терористичка ќелија лоцирана во Скопје која ширела радикален ислам и врбувала регрути. Акциите биле со кодното име „ќелија“.

„Самопрогласениот имам Реџеп Мемиши кој проповедаше во џамијата Тутунсуз, во Чаир, беше организатор на ќелијата. Тој и неговиот брат, со пари од странство, успеаа да влезат меѓу населението. За каков човек станува збор сведочи фатот што го испрати неговиот 22 годишен внук Ријад да војува во Сирија каде по само неколку дена беше ликвидиран“, тврди разузнавачот.

Смртта на ова момче е официјално потврдена и од МВР. Оттаму велат дека во истрагата која претходешена уништувањето на ќелијата во Скопје било утврдено дека тие врбувале околу 130 борци за ИД.

„Трансферот на џихадистите одел преку Турција, Истанбул. Лажните документи со кои патувале ги добивале уште во Скопје. Рутата била планирана и однапред договорена и функционирала речиси две години“, соопштија од МВР.

Ширењето на радикалниот ислам во Македонија почнува во 2011-та година кога ИВЗ ја губи контролата врз неколку џамии во скопски Чаир меѓу кои Тутунсуз, каде проповедал Мемиши и Јаја Пашината џамија. Ова ИВЗ отворено ќе го признае дури во 2015 година под притисок на домашната јавност и ќе побара помош од надлежните институции.

„ Во овие две џамии проповеди ќе држат радикалните имами од Косово и Босна, Шефќет Красниќи и Билал Босниќ. Проповедите се снимани и ги има на интернет. Двајцата се уапсени во меѓународна акција која беше изведена кон крајот на 2014 година и се осудени на долгогодишни казни, исто како и Мемиши“, вели нашиот соговорник.

Зад ширењето на радикалниот ислам во Македонија и регионот стојат две држави, Турција и Саудиска Арабија, кои под плаштот на невладини организации ги финансираат своите истомисленици.

„ Турската ТИКА, која е блиска до владеачката АКП и до Муслиманското братство во овој регион има вложено огромни суми маскирани за рестарварција на верски и религиозни објекти, невладини организации па и политички партии. Истото го прави и Саудиска Арабија преку лажни невладини организации“, рече Филипс на конференцијата посветена екстремизмот и радикализмот која се одржа во Скопје.

Овие наоди ги потврди и нашиот извор од безбедносните служби.

Соочувајќи се со напливот на радикализам и се` поголемиот број на доброволци во редовите на терористичките организации и бебзбедносниот ризик кој го претствавуваат тие како повратници, Македонија направи измени во Кривичниот законик. Учеството во воени конфликти надвор од државата и во странски паравојски и терористички организации, како регрутацијата, обуката, логистиката, финансирањето агитирањето се кривични дела за кои е предвидена минимална затворска казна од четири години.

Според официјалните податоци на безбедносните служби досега е потврдена смртта на 37 македонски државјани кои се бореле во Сирија и Ирак во редовите на терористичките ИД и Ал Каеда.

XS
SM
MD
LG