Националниот демократски институт смета дека политичките лидери треба да покажат дека се подготвени да ги застапуваат сите луѓе, вклучително и припадниците на ЛГБТ заедницата и да ги убедат дека има место и за нив во политичкиот систем. Нивниот глас не е небитен само поради нивната сексуална ориентација, вели Надежда Мојзикина од НДИ.
Политичарите треба да докажат дека ја застапуваат оваа заедница, смета таа.
Мојзикина вели дека политичарите треба да работат на унапредување на правата на овие лица и да покажат дека се дел од решението, а не од проблемот.
Тие мора да создадат средина во која овие лица ќе се чувствуваат безбедни да излезат, да видат дека има место за нив во политичкиот систем, дека не се маргинализирани, додава таа.
Но, ова нема да биде лесна работа за актуелните политичари, зашто, како што покажало најновото истражување на НДИ - 61 отсто од граѓаните во Македонија не би гласале за политичка партија која би ги поддржала правата на ЛГБТ заедницата.
Политичките партии треба да престанат да ја користат хомобијата и трансфобијата за добивање гласови, вели Мојзикина, бидејќи токму тие може да одиграт клучна улога во подобрувањето на состојбите со овие луѓе.
ЛГБТ активистот Антонио Михајлов е согласен дека правата на овие лица не се високо на полтичките агенди.
Според него, најдискриминирани се во делот на полициската, социјалната заштита и на работното место.
Тоа се три области каде државата има мандат, надлежност да ги решава системските проблеми, така што повеќеслојни се проблемите на оваа заедница и не може едно решение да биде сеопфатно, вели Михајлов.
Мојзикина сепак посочува на позитивни чекори во оваа област од регионот. Таа смета дека назначувањето на Ана Брбаниќ како прва министерка во српската влада која не ја крие својата истородова сексуална ориентација, е добар пример за соседните држави.