Меѓународниот републикански институт (ИРИ), при последните две анкети во Македонија, применил нов метод на испитување, со затворен коверт, карактеристичен за политички чувствителни или конфликтни зони.
Директоркта на ИРИ во Скопје Илина Мангова, вели дека новиот начин на проверка на јавното мислење, има цел да ги ослободи граѓаните да одговараат на прашања за поддршка на политичките партии.
„Македонија сметавме дека е средина, која што е политички сензитивна, и поради тоа го применивме овој метод. ИРИ го воведе овој нов метод на испитување на јавното мислење, по пат на прашања за поддршка на политичките партии, при што на испитаникот му се дава прашалник, кој го пополнува на страна од анкетарот. Потоа го затвора и сам го става во коверт. На тој начин испитаникот е единствен кој знае како ги одговорил прашањата“, изјави Мангова.
Таа вели дека често партиите и граѓаните не се согласуваат со резултатите од анкетите, поради психолошката тензија која настанува оти некој друг има различен став.
„Оттаму, луѓето кога ќе дојдат до некои информации или податоци кои што се спротивни на тоа во што тие веруваат, или дека некои други луѓе во општеството мислат различно од нив, настанува психолошка тензија, една дискрепанца во ставовите. Најлесен начин луѓето да се справат со таа психолошка тензија, е да ги отфрлат или да ги негираат тие ставови или таквите резултати“, објаснува Мангова.
Видлива разлика во одговорите на испитаниците се забележува во анкетите пред избори. Причината, Мангова ја гледа во тоа колку политичките прашања се застапени во медиумите.
„Она што се случува во предизборен период е одредени прашања, како дел од изборната кампања, стануваат поактуелни, се појавуваат нови лица, или кандидатите стануваат поприсутни во јавноста. На тој начин, граѓаните добиваат повеќе информации и податоци за прашања кои што повеќе ќе бидат третираат во медиумите и во јавноста“, открива таа.
Мангова вели дека последната анкета од април 2016, открила високо ниво на политичка нестабилност, кое што не била забележана од воениот кофликт во 2001-та година.
“Друг значаен наод од ова истражување е што целиот процес на имплементација на договорот од Пржино и реформите кои беа правени за изборите, за жал не доведоа до промена на довербата во институциите, туку напротив, се намали довербата на граѓаните во условите да се одржат слободни и демократски избори, а се намали и довербата дека Избирачкиот список е прочистен и веродостоен“, вели Мангова.
На нашето прашање дали ќе има уште една анкета пред изборите, таа одговори:
„Ние сакаме да правиме нови и други истражувања, но не можам да кажам кога би било тоа. Нашето истражување на јавното мислење во Македонија, со поддршка на Американската агенција за меѓународен развој, пред се` е наменето да ја информира јаноста, но и политичките партии и граѓанските организации“, рече Мангова, нагласувајќи дека „ традиционално ИРИ ги споделува наодите и анализите од овие истражувања со политичките партии во Македонија, и во нашата коминукација со нив, пренесено ни ` е дека понатаму тие се анализираат и се дискутираат, како на централно ниво во партиите, така и во другите органи на партиите, и им служат како индикатор и насоки што треба да преземат за да се поправат“.
Анкетата на ИРИ, на почетокот на овој месец, покажа дека 20 проценти повеќе испитаници веруваат дека Македонија е помалку стабилна денес, отколку пред една година, а за 12 проценти е зголемен и бројот на оние кои се убедени дека Македонија оди во погрешен правец, споредено со јануари оваа година.