Отстапувањето од типичното споделување на резултатите со политичките партии и со дипломатската заедница било поттикнато од, како што рече регионалниот директор на ИРИ за Европа Јан Суротчак, екстремно компликуваната ситуација во земјата и неизвестноста со закажувањето на датумот на изборите. Во ИРИ сметале дека ова е момент кога било важно за медиумите и за јавноста да имаат колку е можно повеќе информации за насоката на државата.
Суротчак вели дека иако веќе некое време било јасно оти општите трендови во државата оделе надолу, ова истражување покажало некои нагли зголемувања:
„Загриженоста за нивото на тензија и политичката нестабилност во Македонија. До неодамна ова беа релативно ниски бројки, а сега се многу високи – комбинирано до околу 90% на оние кои се многу или донекаде загрижени за стабилноста“.
Ако сте поддржувач на ВМРО и на Владата, верувате дека економијата е многу поважна од демократијата. Ако сте поддржувач на опозијата, сосема е обратноЈан Суротчак, регионален директор на ИРИ за Европа
Од друга страна, недовербата кон политичарите не е ништо уникатно за Македонија. Тоа го има низ целиот регион, пошироко во Европа, па и во САД. Друг заеднички именител е што секое истражување на ИРИ покажува дека главна преокупација на електоратот со владата е таа да изнајде начин да обезбеди работни места и економски просперитет.
„За жал, заради политичката криза државата ризикува да заостане во процесот на важни економски реформи, со цел да се креираат работни места и просперитет, што на луѓето им треба за да веруваат во идејата дека демократијата може да им донесе добар живот“, вели Суротчак.
Во секое истражување што ИРИ го прави, во која било земја во светот, се става во релација демократскиот развој и економскиот просперитет. Во Македонија луѓето сакаат да ги имаат двете – да можат демократски да се изразат и да стават леб на маса. Но не се тоа истите луѓе.
„Ако сте поддржувач на ВМРО и на Владата, верувате дека економијата е многу поважна од демократијата. Ако сте поддржувач на опозијата, сосема е обратно“, вели тој.
Една работа што во текот на многу години на истражувања во Македонија ИРИ забележува дека останала конзистентна е поддршката за влегување во ЕУ и во НАТО, за разлика, на пример во Србија, каде расположение кон овие институции е изразено негативно. ИРИ веќе работи на нова серија на анкети што може да покаже врска меѓу ова прашање и руското ангажирање на мека сила во државите на регионот.