Демократското владеење во Македонија во 2015-та продолжи да опаѓа, со оглед на тоа што земјата ја искуси најголемата политичка криза од 2001-та, наваму. Од февруари до јуни, опозициониот Социјалдемократски сојуз, објави 38 снимки од прислушувани разговори, коишто наводно обелоденуваат директна вклученост на високи владини и претставници на владејачката партија во криминални активности и корупција, се наведува во извештајот на Фридом хаус во делот посветен на Македонија. Таканаречените „бомби“ предизвикаа сериозна загриженост за нивото на запленетост на државата од страна на политичките партии на власт, изложувајќи го неуспехот на механизмите за надзор на службите за разузнавање.
„Македонија има уназадено најмногу, во групата од сите 29 земји каде што се вршени мерењата“, вели Нејт Шенкан, уредник на овој извештај. На прашање на Гласот на Америка да ја оцени актуелната ситуација во Македонија, во услови кога Социјалдемократскиoт сојуз одлучи да не учествува на изборите на 5-ти јуни, изјави:
„Причината зошто Македонија е со ваков резултат е политичката криза, и она што беше обелоденето во аудио снимките. Информациите во нив индицираат дека имало изборни измами, прикривање на убиство во еден мошне познат случај, корупција, притисоци врз судството, прислушување на новинари. Сето тоа влијае на сите категории за демократско владеење, коишто ги мериме. Таа политичка криза продолжува и до ден денес. Во однос на најавата на опозицијата, ние се оградуваме да коментираме дали тоа е добра одлука или не, во политичка или која било друга смисла, но се чини дека тоа ќе значи пролонгирање на политичката криза. Тешко е да се замисли како без слободни и фер избори, оваа криза ќе заврши. Исто така, тешко е да се види како Македонија ќе може да се врати на позитивна патека во однос на демократизацијата без темелни реформи, идентификувани во Договорот од Пржино - изборни реформи, реформи во медиумите. Сите области идентификувани во овој процес треба да бидат имплементирани. Така, доколку во јуни или јули има избори, но тие не се уверливи заради бојкотот, или воопшто нема да има избори - тоа секако ќе продолжи да ја одлага имплементацијата на реформите што и` се потребни на Македонија“, изјави Шенкан.
Според Фридом хаус, кризата беше привремено стишена со помош на медијаторството на ЕУ и на 2-ри јуни беше постигнат Договорот од Пржино за спроведување на итни реформи и одржување на предвремени парламентарни избори во април 2016-та. Сепак, преговорите околу деталите за реформите и нивната имплементација, пропратени со пропуштање на зададените рокови и постојан конфликт меѓу политичките лидери, беше видлив кревкиот карактер на дијалогот.
Според анкета на Меѓународниот републикански институт, рејтингот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски од 44 проценти во мај, 2014-та, во октомври, 2015-та, опаднал на 35 проценти. Сепак, испитувањето на јавното мислење на Брима Галуп во декември, 2015-та, покажало дека Груевски има поголема поддршка споредено со СДСМ, стои во овој документ.
Во извештајот на Европската комисија за напредок на Македонија за 2015-та година, се наведува дека земјата уназадила во бројни области, а највидливо е во судството и слободата на изразување. Комисијата ја повтори препораката за отпочнување на преговори за прием на Македонија во ЕУ, но процесот го услови со „продолжителна имплементација на Договорот од Пржино и значителен напредок во имплементација на приоритетите за итни реформи“, индицирајќи дека ситуацијата ќе биде повторно евалуирана по изборите во 2016-та, наведува Фридом хаус.
Оваа организација наведува и дека 2015-та била одбележана и со бројни протести во Македонија, а со продлабочување на кризата се зголеми и бројот на политички демонстрации. СДСМ со собир на 17-ти мај, а ВМРО со провладин собир еден ден потоа.
Во мај се случи и полициска акција во Куманово, со што Македонија се соочи со најголемата безбедносна закана од 2001-та година, наваму. Целта беше силно вооружена паравоена група на етнички Албанци, а во акцијата загинаа осуммина припадници на специјалните сили на македонската полиција и 10-мина милитанти. Операцијата и истрагата што уследи потоа, остави бројни неодговорени прашања, но и покрај сериозноста, се чини дека инцидентот нема негативно влијание на меѓуетничките односи во земјата, стои во извештајот.
Што се однесува до прогнозата за 2016-та, Фридом хаус додава дека имплементацијата на Договорот од Пржино, ќе одреди дали Македонија може да го стабилизира и консолидира демократското владеење преку политички дијалог. Изведувањето и исходот од изборите, како и работата на судството во истрагата на илегалните набљудувачки активности, обелоденети во 2015-та, ќе бидат клучните фактори во одредување на насоката за демократско владеење во 2016-та, се вели во Извештајот на Фридом хаус „Земји во транзит“ за 2015-та година, во делот посветен на Македонија.