Линкови за пристапност

Извештај: Глобално влошување на слободата и човековите права


Новиот извештај на Амнести интернешенал вели дека најлоша била состојбата во Сирија; Во Македонија продолжиле нападите на независните новинари

Амнести интернешенал вели дека состојбата со човековите права во светот во 2015 година се влошила глобално, а системите создадени за заштита на основните права се под закана од страна на светските влади.

Во годишниот извештај на групата, истражувачите ја истакнуваат ситуацијата во Сирија како најитна светска криза, особено заради проблемот со бегалците.

Во делот за Македонија извештајот посочува на објавувањето на аудио снимките од страна на опозицискиот СДСМ од разговори меѓу министри, членови на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и јавни службеници сугерира корупција во владата, злоупотреба на службената должност, изборна измама и недостаток на почитување на човековите права и владеењето на правото и мешање во независноста на судството.

Од организацијата ја наведуваат оценката дека повеќе од 2.000 новинари биле под владин надзор, а објавените снимки укажуваат на индиректно финансирање на провладините медиуми и политичко влијание врз изборот на новинари и содржини во вестите. Според извештајот продолжиле и нападите врз независните новинари.

Извештајот понатаму наведува дека властите не ги почитувале правата на бегалците и мигрантите и употребиле прекумерна сила за да го забранат влезот на оние кои биле идентификувани како економски мигранти.

Според Амнести, повеќе од 10.000 македонски граѓани, од кои повеќето Роми, во обид да ја избегнат сиромаштијата и дискриминацијата побарале азил во земјите на Европската Унија, но само неколку од нив успеале да добијат азил.

Полицијата во Македонија е критикувана во извештајот за прекумерна употреба на сила при вооружената операција во Куманово, акција спроведена за наводна превенција од напад врз владини и цивилни цели. Министерството за внатрешни работи ги одбило повиците за независна истрага по настанот.

Извештајот нотира и позитивни моменти на глобално ниво во 2015 година, како на пример ослободувањето на тројца новинари на Ал Џазира во Египет и почеток на истрагата на Меѓународниот кривичен суд во ситуација во Западниот Брег и појасот Газа.

XS
SM
MD
LG