Македонија има ниска стапка на ХИВ инфекција. Од граѓанскиот сектор велат дека тоа се должи на националната превентивна програма, поддршката од Глобалниот фонд и партнерството помеѓу Министерството за здравство и другите јавни установи и граѓанскиот сектор што се остварува изминативе 12 години.
Сепак, според ХЕРА и Платформата на граѓански организации кои работат на оваа проблематика, по завршувањето на меѓународната помош од декември 2016-та, превентивните мерки и услуги за ХИВ стануваат неизвесни.
Бојан Јованоски, извршен директор на ХЕРА вели дека во изминатиот период невладините организации целосно се финансирале од меѓународна помош, преку проектот на Глобалниот фонд.
„Се надеваме дека ќе се обезбеди континуитет во однос на ХИВ превенцијата помеѓу маргинализираните заедници, особено оние кои се со посебен ризик од ХИВ”, вели Јованоски.
Платформата ги поздрави напорите на Министерството за здравство за воведување на Регистар на граѓански организации преку кој во иднина ќе бидат правно препознаени како корисници на буџетски средства во спроведувањето на активности за превенција на ХИВ на истиот начин како и јавно-здравствените институции.
Андреј Сених од Здружението „Заедно сме посилни” вели дека тие инсистираат да се преземат конкретни мерки од Владата и Министерството за здравство за обезбедување на одржливоста на програмите кои досега се финансирани од Глобалниот Фонд, односно нивна интеграција во државните програми и буџети по декември 2016.
„Во текот на следната година е последен период кога Македонија треба да изнајде начин како овие значајни програми да ги одржи, односно како ќе се обезбеди нивно финансирање од националниот буџет”, додава Сених.
Од Министерството за здравство велат дека следната година тие двојно ќе ја зголемат помошта за програмите и терапијата ќе продолжи да се финансира од буџетски средства.
Граѓанските организации опслужуваат 15 илјади припадници на групите граѓани кои се најизложени на ризик од ХИВ-инфекција.
Македонија ја следи стратегијата „тестирај–лекувај“ како единствен пристап кој покажува најдобри ефекти во лекувањето, но и во превенцијата на ХИВ, велат од граѓанскиот сектор.
Тие бараат сите надлежни институции да ги извршуваат своите обврски максимално експедитивно за да не дозволат ситуација на прекин на терапијата. Исто така, Платформата бара државата да преземе проактивни мерки со кои ќе се создадат услови и ќе ги поттикне компаниите да ги регистрираат сите неопходни антиретровирусни лекови, за да биде обезбедено целосно решение за антиретровирусната терапија во Македонија.
Здружението „Заедно сме посилни” кое е дел од оваа платформа организираше аукција на уметнички дела од девет истакнати македонски уметници, а средствата од аукцијата ќе ги насочи за поддршка на луѓе кои живеат со ХИВ, особено оние кои што живеат во понеповолни социјални околности. Тие промовираа и видео произлезено од мал социјален експеримент, кое содржи реакции на македонските граѓани при комуникација со лице за кое се претпоставува дека има ХИВ.