Линкови за пристапност

Бунт на мигрантите во Македонија


Властите велат дека по интервенцијата состојбата била нормализирана за еден час; Изнесени цифри за барања на потврди за поднесување барања за азил

За неполн месец, 10.469 странски државјани во Македонија побарале потврди за поднесување барање за право на азил. Официјалната статистика на Министерството за внатрешни работи покажува дека врз основа на неодамнешните измени во Законот за азил само вчера такви потврди зеле 541 странци.

„Најбројни се државјаните на Сирија - 7.252, потоа Авганистан - 930, Ирак - 572, Пакистан - 435, Сомалија - 323, Палестина - 291, Конго - 24, додека останатите се во помал број. 8.086 се мажи, 1.307 се жени, 1.019 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 57 деца кои патуваат без родител“, соопштуваат од МВР, притоа напоменувајќи дека податоците се однесуваат на периодот од 19 јуни до 10 јули годинава.

Меѓу оние кои побарале вакви потврди се и 32-ца од Прифатниот центар на азил, неколку овдешни телевизии емитуваа аматерски видео снимки, на кои се гледа оган на еден од прозорците на објектот што е сместен во скопско Визбегово, додека од зад решетките се слушаат повици за слобода и негодување против неподносливите услови таму. Во денешната официјална информација од МВР за инцидентот се наведува дека „група од осум лица странски државјани се затвориле во една од собите, поставиле на вратата ормари и кревети за да не може да се влезе и почнале да извикуваат слогани и се заканувале дека ќе ја запалат собата“, при што интервенирала полицијата, и „по еден час состојбата е нормализирана“.

Мигрантите пак за медиумите изјавија дека со палењето хартии и облека сакале да го искажат нивниот револт што веќе три месеци се задржани во Центарот.

Од невладината организација „Легис“ велат дека е зголемено полициското обезбедување во центрите. Но, вината за она што се случува таму сепак ја гледаат во Обвинителството.

„Проблемот со затворените бегалци не е кај полицијата, туку кај Јавното обвинителство, кое има задолжено еден обвинител за сите предмети, па процесот е закочен и луѓето се држени, а тие се само сведоци во една постапка и не може да бидат држени повеќе од еден месец“, велат од „Легис“.

Синоќешниот бунт на мигрантите во Визбегово, не е прв. Неодамна, слобода и похумани услови побараа и мигрантите сместени во Центарот во Гази Баба, за што реагираше и Народниот правобранител.

XS
SM
MD
LG