Линкови за пристапност

Чаршијата во Скопје пред нов бран на промени


Според Програмата за развој на туризмот за 2015 година, малите дуќанчиња треба да наликуваат едни на други.

Камениот мост, симболот на Скопје, никогаш не бил само обичен мост. Тој е врската меѓу модерната метропола и традицијата, која со векови ја чува старата Скопска чаршија, една од најголемите знаменитости на градот. На прв поглед, за странците и туристите, тоа е само една патека од неколку десетици метри, но кога ќе се премине, станува очигледно дека преминот се мери во векови. Наутро, прво што ќе почувствувате е мирисот на тазе печива од неколкуте преостанати бурекџилници и оној на традиционалното „турско“ кафе, иако тој примат, полека, но сигурно, го заземаат интернационалните експрес - кафиња. Напладне, во Чаршијата преовладува мирисот на ќебапи и чорби. А навечер се чини дека туке пулсира срцето на Скопје. Музика насекаде - традиционална во кафеаните, и светска во десетината модерни кафулиња.

Од пред неколку години, Чаршијата повторно стана дел од ноќниот живот во градот. Освен „Менада“, култното место од 80-тите години на минатиот век, којашто денес е обновена, тогашните „Џаџо“, „21“, „Багдад – кафе“ и „Безистен“, денес се заменети со „Ракија бар“, „Вилиџ“, „Њу Орлеанс“, „Графити“ и уште десетина други кафулиња и мезе – барови. Времињата се сменија, но препознатливата калдрма и кепенците и натаму се чувари на духот на Чаршијата.

Но сево ова има изгледи да се промени.

Ќе се унифицира изгледот на дуќаните

„Барокизацијата“ на Скопје, која за старите Скопјани, но и за добар дел од „дојденците“ се доживува како „силување на градот“, очигледно нема да ја одмине ни Чаршијата. Според Програмата за развој на туризмот за 2015 година, малите дуќанчиња треба да наликуваат едни на други. Доминантната отоманска и деловите од византиска архитектура, наскоро ќе бидат заменети со типски уредени златарници, дуќани за чанти, кујунџиски дуќани, што според Министерството за економија, ќе „придонесе за зачувување на автентичноста и традицијата на Старата скопска чаршија“.

„Идејата е типски да се уредат и на свој начин да се окарактеризираат угостителските објекти. Сето тоа со строго утврдени димензии на големината на излогот, на знаците, буквите, осветлувањето, се` мора да има карактер, за да се зачува автентичноста на Чаршијата. Не може како досега еден златарски дуќан да има излог пет на пет метри, а друг три на три“, вели Беким Хаџиу, раководителот на Секторот за туризам и угостителство во Министерството. И објаснува дека

нема да биде задолжително за сите, туку „првично ќе биде за тие што сакаат, а во втората фаза ќе следуваат субвенции, со надеж дека повеќето ќе почнат да ги имплементираат“, вели Хаџиу.

Од Занаетчиската комора-Скопје немаат конкретни информации за проектот. За нив има многу отворени прашања, но првото е – како би се унифицирале дуќаните на еден шапкар, златар или ковач, кога тоа се различни профили на еснафи.

„Немаме информација ниту за дизајнот на излозите, ниту пак евиденција дека опстојуваат околу 800 деловни единици, а нејасно е и дали сите ќе бидат унифицирани“, велат од Комората.

Занаетчиите не сакаат промени

А кај занаетчиите, очигледно незадоволството од идејата. Одмавнуваат со рака, со коментар: „Што наумиле, тоа и ќе го направат“.

„Излогот е огледало на објектот, не може да се унифицира.

Мене како златар, ќе ме чини до 4.000 евра, од излогот, до промена на кутиите за златото“, вели еден златар.

Токму финансискиот дел е она што најмногу ги загрижува. Лани, занетчиите можеле да аплицираат за државни субвенции за опрема и материјали, и по склучувањето на договор со државата да почнат со инвестицијата, која на крајот им била покриена со субвенции, од годинава правилата се променети и ситуацијата е обратна. Сега, занаетчиите, прво, мораат да инвестираат, па дури потоа да аплицираат за државни средства, коишто може и да не им бидат одобрени.

Тоа, велат еснафите, ги тера се повеќе од нив да стават „клуч на врата“.

„Ние како дуќанџии целосно сме финансиски исцрпени. Имаме обврска да правиме елборати, да воведуваме ХАСАП систем, да изработиме изјави за безбедност при работа, тука е и фискализацијата, и сето ова чини пари. Сега едвај крпиме крај со крај, плати, давачки кон државата... зашто во спротивно следуваат казни. Немаме пари за инвестиции“, вели занаетчија од Скопска чаршија.

Но, ова незадоволство на старите еснафи, на кои занаетот им е семејна традиција, не е доволно да се спротивстави на влезот на новите трендови во Чаршијата. Нејзината периферија е комплетно променета, без препознатливиот ентериер на кафеаните и кафетериите. Старите натписи со термини специфични за некое друго време се заменети со нови, што асоцираат на светски поими и термини, на традиционалните златарници се испишани производи од светски производители, а на излозите се` помалку има рачно изработни чанти, а се повеќе лоши копии на оние од светските дизајнери.

Единствено засега недопрено останува чаршиското јадро. Таму, на малите триножни столчиња пред излозите занаетчиите разговараат за актуелни теми - од светска политика до домашна економија, па и озборувања. Како во „старите, добри времиња“, тврдат тие.

Првите податоци за постоење трговски центар на денешниото место на Скопската чаршија датираат од 12 век.

Од 2008-та Чаршијата е заштитена со Закон за културното наследство од особено значење и е под трајна заштита на државата.

Со измените на Законот во 2010- та, заради заштита, уредување, ревитализација и рационално користење на Старата скопска чаршија, еден урбанистички план ќе важи за целата површина на споменичката целина, што би се изработувал врз основа на заштитно-конзерваторски основи. Планот треба да го носат општините Центар и Чаир, под чија надлежност е овој исклучителен споменик на културата, кој за старите Скопјани е сведоштво за развој што остава малку негибнато од препознатливото.

XS
SM
MD
LG