Линкови за пристапност

Штурците – алтернатива за протеинска храна


Американски бизниси се обидуваат да внесат мелени штурци во исхраната, во вид на брашно и протеински прав.

Американците главно се гадливи кога се работи за јадење бубачки, и покрај тоа што инсектите се нормален дел од диетата за најмалку две милијарди луѓе во светот со деликатеси како пржени гасеници во Танзанија, печени скакулци со лут пипер во Мексико или крцкави џиновски водени бубачки во Тајланд.

Чарлс Вилсон, основачот и директор на „Брашно од штурци“ почнал да се интересира за штурците како протеински додаток откако открил дека е чувствителен на млечни, скробни и голем број други состојки, вклучувајќи и протеин во прав што го употребувал за градење мускули.

„Секогаш го користев, но открив дека веќе не смеам да го земам“, кажа тој. „Така почнав да барам алтернативни протеини и алтернативни состојки за храната и ... налетав на брашно од штурци“.

Вилсон видел потенцијал штурците да бидат повеќе од замена за неговиот протеински напиток. Видел и можност за бизнис. Во тоа време студирал право на Универзитетот на Орегон, каде му пристапил на Омар Елис, пријател кој студирал во Школата за бизнис.

Вилсон бил доволно убедлив за Елис да се согласи да биде ко-основач и директор на „Брашно од штурци“.

Неодамна тој беше на конференција за одржливост, во Портланд, Орегон, каде нудеше примероци од храна направена од инсекти.

„Има повеќе железо од спанаќ и повеќе калциум од млеко“, вели Елис. „Многу се одржливи. Потребно е една десетина храна и една шестина вода да дојдете до иста количина на протеини што би ги добиле од телешко месо.“

Учесниците на конференцијата имаа различно мислење. Еден признава со смеење, „Во ниедна друга форма ова не би го направил. Но може да има тука нешто за иднината. Никогаш не знаете.“

Друг посочи дека брашно од штурци не е прифатливо за вегетаријанци, „но дефинитивно има проблем да се најде протеин во прав што нема вкус на нешто.“

Јадејќи крцкава „гранола“ со „инфузија“ од брашно со штурци, друг авантуристички пробувач кажа: „Го чувствувам вкусот на житарките, нема ништо друго необично овде.“

Вилсон вели дека мелените штурци имаат неутрален вкус.

Бизнисот на Елис и Вилсон купува сушени и мелени штурци од неколку американски компании кои продаваат на големо. Претприемачите го препродаваат чистото брашно од штурци на Интернет како и пекарски мешавини со различни вкусови. Храната што потекнува од инсекти не може да се препознае без нејзино етикетирање по процесирањето.

„Брашно од штурци“ е еден од десетици бизниси во Северна Америка засновани на инсекти што се јадат. Други се фокусирани на фармерство на штурци или продавање на енергетски штангли направени со штурци во прав. Тоа го прави крајниот производ – што и да е – релативно скап.

XS
SM
MD
LG