По денешната детонација на 14-та „бомба“ на опозицијата, владејачката ВМРО-ДПМНЕ испрати соопштение со реакција која наликува на сите досегашни. Според ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на СДСМ, Зоран Заев „продолжува да се обидува со креирани, монтирани, сечени, лепени и прелепувани разговори да креира дестабилизација на институциите во Република Македонија, со единствена цел да се добере до власт без никаква поддршка од граѓаните“.
Владеачката партија тврди дека Заев е свесен дека „со ова негово сценарио одработува за странски центри кои имаат лоши цели во однос на државата и нејзините државни интереси и ја дефокусира јавност од неговите криминали“.
ВМРО-ДПМНЕ е децидна дека автопатите во изградба кои беа тема на денешните емитувани снимки на разговори на претставниците на власта, за кои опозицијата тврди дека се доказ за криминал и за коруптивни зделки, се реализираат „во крајно легална и транспарентна постапка со закон донесен во Собранието“.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на денешната собраниска седница, одговарајќи на пратеничко прашање на Роза Топузова-Каревска за случајот прислушување, изјави дека обидот на СДСМ е „да се изврши дискредитација на луѓето кои ја имаат добиено довербата од граѓаните, со цел да се наруши таа доверба и на тој начин да се дојде до политички успех на Зоран Заев“.
Груевски како план за излез од кризата, наведе дека решавањето на кризата предвидува секој кој го прекршил законот да одговара пред институциите.
На барањето на независната пратеничка Љубица Буралиева за одговорност и за оставка од министрите за внатрешни работи, за култура и за транспорт и врски - Гордана Јанкулоска, Елизабета Канческа-Милевска и Миле Јанакиески поради содржината на објавените аудио-снимки, министерката Јанкулоска одговорила дека се` додека ја имаат поддршката од граѓаните и можат да ги реализираат проектите за кои добиле доверба, имаат обврска да го испорачаат она што го ветиле на избори, а нејзината колешка Канческа-Милевска, дека е многу горда на сето она што е направено во културата во Македонија. Министерот Јанакиески кој бил прозван и поради сотојбата во јавниот телевизиски сервис, изјавил дека неговото министерство не е надлежно за МРТ, туку Министерството за информатичко општество и администрација.
По повод политичката криза во земјата особено засилена по аферите „Пуч“ и „Масовно прислушување на граѓаните“, денес се изјасни и Народниот правобранител, кој по сопствена иницијатива отворил постапка. Според омбудсманот Иџет Мемети, „не постои здрав разум кој нема да се согласи дека во државата имаше масовно прекршување на човековите права и слободи, но и на правото на приватност“, па тој поради тоа напишал писма за УБК, за Агенцијата за електронски комуникации, за Јавното обвинителство и за парламентот, во кои бара одговори на бројните прашања околу аферите.
По повод состојбата во МРТВ чие раководство одбива да ги претстави на јавноста содржините од снимените разговори, лидерот на политичката партија Достоинство, генералот Стојанче Ангелов, поднесе кривична пријава против јавниот обвинител Марко Зврлевски за злоупотреба на службената положба, токму поради соопштението со кое Обвинителството го забрани емитување на опозиционите „бомби“.
„Пријавениот Зврлевски во својство на службено лице, како јавен обвинител на РМ, во периодот од 3 февруари до денес, со искористување на службената положба и овластување, упати јавна забрана за објавување на материјали, со што директно им забранува на медиумите да ги презентираат аудио снимките со снимени разговори на кои се слуша како премиерот, министри од владата и други високи државни функционери се договараат да извршат или зборуваат за извршени кривични дела“, изјавил Ангелов.
Тој потенцира дека е свесен оти пријавата нема никој да ја процесира денес, но според него, „таа ќе остане во Обвинителството. Кога ќе имаме јавен обвинител чија цел ќе биде гонење на криминалот, Зврлевски ќе биде повикан да каже зошто го издал ова соопштение кое Горан Петревски и другите уредници во МТВ го користат како параван за необјавување на полтичките бомби“.
Од Обвинителството, пак, информација дека дури 17 јавни обвинители од скопското Јавно обвинителство работат на 24-те кривични пријави, кои досега ги поднеле членовите на опозицијата за наводно прислушување на разговори на над 20-те илјади граѓани.
„Сите пријави се дадени во работа. По дел од нив досега се преземени определени дејствија, а во тек е преземањето и на други активности согласно со Законот за кривична постапка, Кривичниот законик и внатрешните правила за работење на јавното обвинителства“, информираше обвинителството.
До денес, од Европската комисија нема официјален одговор, дали и кои меѓународни правни експерти ќе ги мониторат предметите поврзани со актуелните политички случувања, откако македонското Јавното обвинителство побара од Брисел меѓународни експерти за мониторинг на нивната работа во чувствителните случаи, поради поголема транспарентност и оневозможување на шпекулации.