„Окупацијата“ на факултетите продолжува. Студентскиот пленум, чии претставници вчера беа на средбата со претставниците на Министерството за образование и Универитетото, денеска соопшти дека таа била позитивна, но дека е далеку од договор за нов закон за високо образование.
„Средбата не беше од решавачки карактер. Ние го изнесовме нашето клучно барање, а тоа е интегрално нов текст на Законот за високо образование. За тоа беа изнесени аргументи и средбата заврши со договор да имаме следна средба, односно не беше ништо одлучено“, рече Ивана Туфегџиќ.
Единствено било договорено е во рок од 30 дена да се направи анализа зошто е проблематичен актуелниот Закон.
„Нашето барање за новиот закон е да нема никаква форма на надворешно тестирање од страна на државата, тоа е поткрепено со аргументот дека прво треба да ги разработиме механизмите кои веќе постојат како Одборот за акредитација и евалуација кој очигледно не си ја работел својата работа“, додаде Туфегџиќ.
Студентите се надеваат дека попозитивен резултат можно е да има дури по наредната средба, што би се одржала следната недела. Затоа, како што велат, „окупацијата ќе продолжи се` додека не добијат потврда дека ќе почне да се пишува текст за нов закон за високо образование“.
Вчерашната средба во Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, на која како дел од владиниот тим присутвуваа министерот за образование Абдилаќим Адеми, заменикот Спиро Ристовски, и вицепремиерот Зоран Ставревски, траеше речиси пет часа. Во соопштението потоа, кусо беше наведено дека е договорено во рок од 30 дена работните групи од МОН, УКИМ и пленумците да изготват анализа на состојбите што ќе биде основа за понатамошно дефинирање на концептот за новиот закон за високо образование.