Линкови за пристапност

Порота во македонскиот правосуден систем


Отворена дискусијата за воведување на овој елемент во правосудството на државата по урнек на САД.

Воведувањето на американскиот систем на порота во македонските судови е темата која за првпат вчера на тркалезна маса ја отвори Адвокатската комора на РМ (АКРМ). На настанот своите искуства ги презентираа правни експерти од САД, а освен адвокатите, учествуваа и судии и обвинители. Според претседателот на АКРМ, Никола Додевски, станува збор за прашање што ќе се разгледува во иднина доколку државата утврди дека е делумно или целосно применлив тој систем и во македонски услови и дека е во интерес на демократизација на процесите на унапредување на правата на обвинетите.

Сегашната поставеност на поротата во македонското законодавство е симболична
Никола Додевски

„Идејата за отворање на оваа тема произлегува од фактот што ние веќе една година го применуваме новиот Закон за кривична постапка, кој, меѓу другото, е изграден токму врз искуствата од САД. Во нашиот актуелен систем е направена комбинација во која недостига елементот порота. Дали е тоа применливо и возможно во практика се прашања кои допрва ќе ги дискутираме“, вели претседателот на АКРМ, Никола Додевски.

Првиот човек на македонската Адвокатска комора посочува дека сегашната поставеност на поротата во македонското законодавство е симболична и нема круцијално значење.

„Кај нас поротниците се на некој начин помошници на судијата, кој одлучува и за вината и за казната. Рано е да се каже дали во Македонија може да се примени буквално пренесен систем, но категорично тврдам дека секое решение што може да доведе до унапредување на правата на странките, до демократизација и до унапредување на независноста на судскиот систем е имплементирачко и применливо“, кажа Додевски.

Поротата одлучува за вината, а судијата за казната

Главно обележје на американскиот систем на порота е тоа што поротата утврдува факти и одлучува за вината, додека судијата одлучува за примена на правото. Поротата е достапна во повеќето кривични и во некои граѓански предмети. Во кривичен предмет вообичаено има 12 поротници кои ја носат одлуката едногласно.

„Кога ќе внесете порота, го отворате прозорецот. Не велам дека системот е совршен, но мислам дека поротата е еден од најбитните фактори зошто ние имаме правичен систем“, вели Елизабет Гивенс, програмски директор на Американската адвокатска комора и на Балканската регионална мрежа за владеење на правото.

Поротата е пасивна и страните во постапката не смеат да им се обраќаат на поротниците бидејќи можат да бидат обвинети за погрешно однесување. Како што појаснија американските претставници, се оди дотаму што на поротниците им се забранува да пребаруваат податоци за сведоците на Интернет, да разговараат со партнерите во врска со детали од предметот итн. Доколку адвокатот или обвинителот забележи недозволено однесување кај поротник тоа може да го обжали пред повисокиот суд.

Баланс наспроти моќта на државата, но истовремено скап систем

Најголем недостаток на вака поставениот систем на порота, според американските искуства, е дека одзема многу време и дека е прилично скап.

Според Марк Ласер, виш правен советник при Амбасадата на САД во Македонија, сепак позитивните придобивки од вака поставениот систем на порота се далеку побројни отколку негативните.

„Поротата може да биде поподложна на предрасуди, како што е расната дискриминација, но, од друга страна, ги внесува вредностите на заедницата во судскиот процес. Истражувањата покажуваат дека обичниот граѓанин е добар при донесувањето одлуки во поедноставни работи, како што е прашањето дали некој ја зборува вистината, за разлика од покомплексните работи, како вештачењето“, вели Ласер.

Тој истакнува дека многу битно обележје на овој систем е балансот наспроти моќта на државата.

„Некои на поротата гледаат како на проверка на моќта на државата. Бидејќи поротниците се граѓани и се издвоено тело и не се толку подложни на влијанија, како судиите“, истакнa Ласер.

„Доколку некој политичар во САД се обиде да побара укинување на судската порота тој никогаш повеќе нема да биде изгласан. До сега немало политичар кој се обидел да укине порота. Историски гледано, поротата е дел од општественото живеење во САД“, додаде тој.

Правниот експерт го објасни начинот на кој функционира т.н. Голема порота, која во последно време е критикувана по неодамнешните одлуки да не се покрене обвинение против припадници на полицијата за инцидентите во Бруклин и Фергусон, што предизвикаа нереди и протести низ САД.

Ваквиот систем бара исклучително добро подготвени обвиненија
Томас Расел

„Големата порота е тело од 16 до 23 граѓани кои имаат улога да обвинат и да истражат. Судијата не е присутен во оваа постапка, туку само обвинителот. Поротата одлучува, вообичаено со 12 гласови „за“, дали постои стандардот на сомнение кој е потребен за да се поднесе обвинение. Во текот на оваа постапка, која е тајна, можат да се повикуваат сведоци и да се разгледуваат докази. Големата порота не ја користат сите јурисдикции во САД. Кога обвинителот настапува пред Големата порота, најголем дел од случаите завршуваат со обвинение, но тоа ретко се случува кога полицијата е дел од постапката. Според одредени аргументации, тоа се должи на необјективноста на обвинителот, која произлегува од соработката со полицијата“, појасни тој.

Томас Расел, обвинител од САД, тргнувајќи од сопственото искуство, истакна дека ваквиот систем бара исклучително добро подготвени обвиненија.

„Поротата налага уште еден стандард: aко немаме доволно цврсти докази, нема да поведеме обвинение“, укажа тој.

Меѓутоа, што се случува со малите средини, каде што сите се познаваат меѓусебно, беше едно од прашањата на кои се дискутираше.

„Верувајте ми, многу се совесни. Нашите искуства покажуваат дека на избраните граѓани им е чест да бидат поротници“, вели Расел.

Поротата - најбитна алка на акузаторниот систем

Адвокатите што присуствуваа на дебата се согласни дека вака поставениот систем на порота може да има позитивни импликации врз македонското правосудство.

Ќе имаме правна сигурност во целокупниот правен систем, но истовремено ќе се влијае многу во борбата против корупција
Ружица Николовска

„Ова е еден последователен и природен тек на воведување на новиот ЗКП, во кој, како акузаторен систем, недостасува најбитната алка за адвокатите – непристрасноста во донесувањето на одлуките во судот преку ваков систем на порота“, вели скопскиот адвокат Мирослав Вујиќ.

На сличен став е и Ружица Николовска, адвокат од Скопје.

„Морам да нагласам, како адвокат, а сметам дека и голем број мои колеги ќе се согласат со мене, дека ова е одлична идеја која треба да се имплементира и да заживее во нашиот правен систем. Веќе имаме судења по новиот ЗКП и сметам дека ваквата порота во практика би имала многу големо влијание. Пред сè ќе имаме правна сигурност во целокупниот правен систем, но истовремено ќе се влијае многу во борбата против корупција“, истакнува Николовска.

XS
SM
MD
LG