Линкови за пристапност

Со носот - до тартуфи


Flames are seen after a blast at the family home of an alleged abductor in the West Bank City of Hebron.  Isreal vowed to punish the Palestinian group Hamas after the death of three missing Israeli teenagers in the occupied West Bank.
Flames are seen after a blast at the family home of an alleged abductor in the West Bank City of Hebron.  Isreal vowed to punish the Palestinian group Hamas after the death of three missing Israeli teenagers in the occupied West Bank.

Најдобрите пријатели на човекот во Орегон се обучуваат како да станат и - најисплатливи.

Миа Меколин не може да ја сокрие радоста затоа што нејзиното куче, мешаниот лабрадор по име Бостон го надушкал и нашол богатството по кое трагал: оригинална бела печурка тартуф од Орегон.

Овие уникатни печурки, што растат под земја, близу корењата на дрвјата, се продаваат и по стотици долари за килограм.

Меколин и Бостон беа учесници на дводневниот курс за собирање на тартуфи на плантажата Дуглазија, јужно од главниот град на Орегон, Салем. Меколин и други сопственици на кучиња платија по речиси 600 долари да учествуваат.

Белата печурка тартуф од Орегон се продава и по стотици долари за килограм. (Благодарност до Тоил енд трафл)
Белата печурка тартуф од Орегон се продава и по стотици долари за килограм. (Благодарност до Тоил енд трафл)
Во Франција, трагачите по тартуфи се потпираат на носот на свињите и ги користат овие животни. Во Италија, пак, се одгледува посебна врста на куче што трага по овој баран специјалитет. Во САД, мала група на одгледувачи на кучиња и љубители на тартуфи промовираат користење на разни врсти кучиња.

Една од нив, Деб Вакер, објаснува дека носот на кучето е многу поефикасен од најразличните направи на човекот. Но, понекогаш е потребна и до година кучето целосно да се обучи, иако некои ги совладуваат основните работи за неколку дена.

„Лесно е кучето да се научи на мирисот на тартуфот и да го открие“, вели Вокер. „Тешко е да го научите да ви сигнализира дека го открил и да не го изеде, и да продолжи да трага со часови“.

Колку луѓе - толку описи што ги привлекува во вкусот на тартуфите, чија големина се движи од зрно грашок до топче за голф.

За Џенет Сназук, сопственичка на фарма и професионална готвачка во местото Голд Бич, на крајбрежјето на Орегон, тие се како деликатните ароми на префинето вино: „Навистина уникатно искуство. Содржат миризба што останува во сеќавањето. Егзотично искуство“.

Белите тартуфи од Орегон најчесто се опишуваат дека се со вкус на јаткасти плодови како оревите, бадемите и лешниците, а понекогаш и со арома на ментол, или пак на бор. Кафените тартуфи од оваа сојузна држава, пак, може да имаат вкус на лук, додека ретките, црните, се одликуваат со сложена арома на ананас, порто, чоколада и земја.

Тартуфите од Франција и Италија и натаму се најскапи на пазарот. Но, се јавуваат нови извозници. Австралијците успеаја во одгледувањето на европски тартуфи во комерцијален обем, додека Кинезите нудат поголеми количини по попристапни цени. Конкурентите ги критикуваат Кинезите затоа што ги собираат тартуфите со гребла, наместо да користат животни. Механичкото собирање е често и во САД.

Тренерот на кучиња Џим Сенфорд верува дека собирањето со гребла е неселективно и носи штета: „Мојот слаб нос не може да разликува како кучешкиот, кој тартуф е созреан, а кој не. Ако ги остраните со гребло од земјата без да направите разлика, несозреаните нема никогаш да созреат. Такви се тартуфите“.

Затоа, тој предвидува се` поголем интерес за обука на кучињата, особено што се` повеќе сопственици на земјиште во северозападниот дел на САД основаат плантажи на тартуфи.

„Индустријата на тартуфи, ако може да ја наречете така, тука е во зародиш. Тартуфи има во изобилство и ќе има голема потеба од кучиња - трагачи по тартуфи. Мислам дека тартуфите ќе станат мошне популарни“, вели Сенфорд.
XS
SM
MD
LG