Линкови за пристапност

Сега граѓански престапи


Клеветата и навредата не се повеќе кривични дела, но дали тоа помага за слободата на медиумите?

Од кривична, клеветата и навредата се селат во граѓанска судска постапка. 700 кривични процеси запираат, а тужителите имаат право да тужат одново во граѓанска постапка, под услов да платат административна такса.

Согласно новиот закон, доколку новинар изнесе клевета или навреда, ќе биде казнет со 2.000 евра. Неговиот уредик тоа може да го чини 10.000, а сопственикот на медиумот – 15.000 евра.

Овие измени уследија по повеќемесечните преговори меѓу власта и Здружението на новинарите на Македонија. Во процесот активно беа вклучени и ЕУ и ОБСЕ, кои во своите извештаи изнесоа критички ставови во однос на слободата на медиумите, а меѓу проблемите го наведоа и третманот на клеветата и навредата во кривичната судска постапка.

Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, изрази задоволство поради декриминализацијата на клеветата. Таа истакна дека земјата има преземено позитивен чекор напред, но предупреди дека мора да се направи уште многу за да се создаде вистинска атмосфера за слободни медиуми.

Мислење за тоа што ново внесува овој закон во медиумската сфера побаравме од претседателите на Здружението на новинарите и на Независниот синдикат на новинари и медиумски работници, Насер Селмани и Тамара Чаусидис.

Според Селмани, законот на кус рок овоможува да се прекинат 700 тужби кои се водат против новинари, а на подолг рок ќе овозможи во судските постапки поефикасно да се применува праксата на Европскиот суд за човекови права.

”Судовите повеќе нема да имаат дилеми дека судската пракса на Европскиот суд е извор на правото”, вели Селмани.

Првиот човек на новинарскиот синдикат, пак, страхува дека дека во законот постои потецијал за цензура.

”Има можност од забрана на новинарски исказ за кој оној што тужи, смета дека е клеветнички без да биде донесена пресуда, без докази, без право на жалба, а само врз основа на судско уверување. Колку тоа судско уверување знае да биде под влијание на центрите на моќта говори и фактот што независноста на судството со години се посочува како проблем”, наведува Чаусидис.

Дека ефектот врз слободата на медиумите од овој закон зависи од квалитетот на судството, се согласува и првиот човек на Здружението на новинарите. На нашето прашање - дали со овој закон се намалува притисокот врз медиумите, Селмани одговори дека тоа ќе зависи од начинот на кој судовите ќе го применуваат законот.

Чаусидис, пак, на истото коментира: “Идејата за декриминализација требаше да биде показател на подготвеноста на законодавецот да најде начин да го обесхрабри користењето на тужбите за малтретирање и заплашување. Овој закон, со можноста од вонредни судски мерки за забрана и со товарот на докажување на вината кај тужениот, повторно остава простор за притисок. Би сакала праксата да ме демантира, но јас не гледам ниту еден сигнал, навестување на промена на менталната матрица на носителите на моќта кои и натаму размислуваат за новинарството и новинарите како за нешто што треба да биде регулирано, санкционирано и дисциплинирано”.

Претседателите на Здружението и Синдикатот нагласуваат дека законот не ги решава сите проблеми со кои се соочува новинарството во Македонија.

“Македонското новинарство е киднапирано и се држи како заложник од луѓе кои се на чело на медиумите, а воопшто не се новинари. Тоа се пропагандисти кои служат на интересите на своите газди или политички патрони и врз основа на таков критериум ги селектираат и обучуваат младите новинари. Дојдовме во ситуација во која за многу колеги непристрасноста, принципиелноста, професионалноста и етичноста се луксуз кој не смеат да си го дозволат, ако сакаат да ја задржат работата. Оттаму, главниот проблем се условите во кои работиме, фактот дека многумина од нас работат без каков и да е` договор, без економска и социјална сигурност, со можност да бидат избркани од денес за утре, по телефон, со сопственици кои ги сметаат за евтина работна сила која може лесно да се замени. Во услови на таков егзистенцијален притисок, новинарите не се во состојба да ги отвораат суштинските општествени теми , туку само да ја следат дневно-политичката агенда на политичките партии и сопствениците на медиумите. Тоа доведува до неверојатна апатија и малодушност во редакциите и во самата медиумска заедница, што, само по себе, е голем проблем” вели Чаусидис.

Селмани оценува дека во Македонија не постои клима за развој на професионално новинарство.

“Се плашам дека оваа ситуација нема да се смени брзо, затоа што проблемите се системски и како такви можат да се решат само со силна политичка волја од политичките елити. За жал, досега ниту партиите од власта, ниту оние од опозицијата, не се изјаснија јавно дека се подготвени да ги ослободат медиумите од финасиските и политичките притисоци”, вели Селмани.
XS
SM
MD
LG