Зошто сојузните избори во САД секогаш се одржуваат во вторник?

Your browser doesn’t support HTML5

Дали некогаш сте се запрашале зошто претседателските избори во Америка секогаш паѓаат во вторник? Традицијата се протега наназад речиси 200 години од времето кога САД изгледаа многу поинаку од тоа што се денес.

Во доцните 1700-ти и раните 1800-ти, американските држави можеа да одржат претседателски гласања во период од 34 дена, што се покажа како доста проблематично.

Креаторите на политиките набргу сфатија дека државите што одржуваат рано гласање во периодот од 34 дена, може да го поколебаат јавното мислење и да влијаат на исходот од гласањето во државите кои подоцна ги одржуваат нивните избори.

Нивното решение беше да се обедини изборниот процес со избирање на одреден ден кога ќе гласаат сите.

Во 1845 година, Конгресот донесе закон со кој го назначи првиот вторник по првиот понеделник во ноември како ден на изборите - датум што остана на сила и денес.

Но, зошто Конгресот дојде до овој заклучок?

Голем дел од Америка била обработливо земјиште во 19 век, а животот се вртел околу строгите рутини на садење, берба и продажба на земјоделски култури.

Средите, кои вообичаено се гледале како пазарни денови за земјоделците, брзо биле исклучени. Неделите биле резервирани за одење во црква, така што ниту тоа не било добра опција.

Бидејќи многу луѓе живееле далеку од избирачките места, Конгресот исто така сакал да им даде време на гласачите да отпатуваат до гласачките места.

Вторник станал очигледен конкурент, дозволувајќи доволно време за патување без да влијае на главниот работен ден.

Земјоделците влијаеле и на изборот за изборниот месец, бидејќи пролетта и летото традиционално ја означувале сезоната на садење, додека крајот на летото и почетокот на есента биле исполнети со жетви.

Сето тоа имало смисла да се одржат избори во ноември, кога жетвата обично завршувала, но најстуденото време допрва доаѓало.

Денес, повеќето земји ширум светот одржуваат избори во недела, но Америка останува посветена на својата традиција за денот на изборите.

Некои повикуваат да и се олесни на модерната американска работна сила, која вообичаено работи од понеделник до петок, да гласа, вклучително и да го направи денот на изборите како федерален празник.

Иако фармерите сега сочинуваат само 2 проценти од американското население, традицијата на одржување на изборите во САД на првиот вторник по првиот понеделник во ноември го издржа тестот на времето.