Зголемени критиките во ЕУ кон унгарскиот премиер Орбан

Your browser doesn’t support HTML5

Критиките во ЕУ се зголемуваат против долгогодишниот лидер на Унгарија, Виктор Орбан, како и за прашањата за иднината на улогата на неговата земја во Европа. Унгарската опозиција го обвинува Орбан дека работи на поткопување на безбедноста и единството на Европа. Известува Мирослава Гонгадзе.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан е гласен критичар на политиките на Европската Унија. Орбан го одложи членството на Шведска во НАТО, стави вето на помошта за Киев и, откако го презеде ротирачкото претседателство со ЕУ во јули, покрена неовластена мировна иницијатива за руската војна во Украина.

Најновиот повик на Орбан за прекин на огнот во Украина предизвика брз одговор од претседателката на Европската комисија.

„Светот беше сведок на злосторствата на руската војна. А сепак, сè уште има некои кои за оваа војна го обвинуваат не напаѓачот, туку нападнатиот“, рече Урсула фон дер Лајен.

Фон Дер Лајен ја критикуваше Унгарија за блокирање на помошта за Украина, за нејзините блиски врски со Кина и за нејзиното континуирано потпирање на руската енергија.

Во канцеларијата на унгарското претседателство со ЕУ во Будимпешта, портпаролот Золтан Ковач ја нарече политиката на Брисел кон Унгарија лицемерна и политички мотивирана.

„Политичкиот елемент е очигледен. Ова не е левичарска либерална влада. Ние сме многу отворени конзервативци со различни размислувања, со различна политичка програма“, рече Ковач.

Ковач рече дека со критикување на актуелната влада, ЕУ ја поткопува и волјата на унгарскиот народ. Во меѓувреме, извештајот на „Транспаренси интернешнл“ ја обвинува унгарската влада дека ја нагризува демократијата додека има корист од фондовите на ЕУ и ги збогатува своите сојузници преку широко распространета корупција.

Золтан Тар, унгарски пратеник во Европскиот парламент од опозициската партија „Почит и слобода“ вели дека активностите на владата на Орбан ја прават ЕУ послаба.

„На пример, блиската соработка со Русија, соработката со Кина, начинот на кој се работи, не помага. Тоа создава безбедносен ризик“, посочува Тар.

Тој вели дека како членка на ЕУ и НАТО, Унгарија мора да се придржува до нивните правила.

„Тоа беше наш избор, а тоа би значело дека и ние ги следиме правилата, бидејќи не ги користиме само придобивките од ова членство. Значи, за нас ова е многу важно да бидеме верен, искрен партнер“, додава Тар.

Во текот на изминатата година, унгарската опозиција постигна значителни придобивки. Со рекордно висока излезност на овогодинешните избори, партијата „Почит и слобода“ обезбеди 30 отсто од унгарските места во Парламентот на ЕУ, веднаш зад партијата Фидес на Орбан.

„Постои огромна желба за промена, а исто така и многу незадоволство и гнев во однос на владата“, вели Андраш Рач од Германскиот совет за надворешни односи.

Тој и другите посочуваат дека за 14 години колку што е Орбан на функцијата, Унгарија станала втора најсиромашна земја во Европската Унија, по Бугарија.

„Се работи и за самите материјални потреби на луѓето кои бараат промена, надевајќи се на подобар живот во егзистенцијална смисла“, додава Рач.

Лидерите на ЕУ и опозицијата ќе имаат уште една можност да изразат загриженост за иднината на Унгарија следниот месец, кога унгарскиот премиер ќе биде домаќин на самитот во Будимпешта.