Зеленски ги посети војниците во Авдивка и им се заблагодари за одбраната на Украина

Русија ја нападна Авдивка за време на нејзината зимска офанзива, но направи само мал територијален напредок на исток

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес ги посети војниците во во малиот источен град Авдивка, еден ден откако Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин се сретнал со неговите воени лидери и војници на териториите окупирани од силите на Москва.

Кабинетот на Зеленски соопшти дека тој бил информиран од командантите за ситуацијата на бојното поле. На видеото се гледа како тој им се обраќа на војниците во борбена опрема и им доделува награди во нешто што изгледаше како големо индустриско складиште со вреќи со песок.

„Имам чест да бидам овде денес, да ви се заблагодарам за вашата услуга, за одбраната на нашата земја, Украина, нашите семејства“, рече тој.

Зеленски, исто така, беше прикажан како ја посетува болницата каде што се сретна со ранети војници и им додели повеќе награди.

Русија ја нападна Авдивка за време на нејзината зимска офанзива, но направи само мал територијален напредок на исток.

Видеоснимката објавена од канцеларијата на Зеленски, исто така, покажува тешко оштетени високи станбени згради во градот, каде што украинските власти велат дека има околу 1.800 цивили.

Андриј Јермак, шеф на канцеларијата на Зеленски, рече дека украинските војници успешно ги одбиваат руските обиди да го опколат градот.

„Нашата армија веќе ги прекрши плановите на непријателот да ја пробие украинската одбрана и да напредува на исток“, рече Јермак на апликацијата за пораки Телеграм.

Кремљ денес соопшти дека Путин ги посетил московските сили во понеделникот, во деловите окупирани од Русија во регионите Херсон и Луганск во Украина, две провинции за кои Путин тврди дека ги припоил минатиот септември.

Медиумските организации не можеа независно да го потврдат неговото патување во Украина, и Кремљ не го објави тоа додека тој не се врати во Русија.

Наводно, ова е второ патување на Путин во окупирана Украина за два месеца.

Дел од информациите се преземени од АП, Франс-прес и Ројтерс