Србија е најголем сојузник, а Бугарија најголема закана – така се произнеле граѓаните на Северна Македонија во теренската анкета на Меѓународниот републикански институт - ИРИ во февруари годинава спроведена на репрезентативен примерок во рамките на поголемо истражување во земјите од Западен Балкан.
По Србија, втор најголем сојузник се САД, па Турција. На високото четврто место изненадувачки е Русија која пак е втора на списокот најголеми закани по Бугарија, а пред Косово и Албанија.
Кај македонските граѓани од светските лидери најдобро котира турскиот претседател Реџеп Ердоган со 66 отсто позитивно мислење. По него е рускиот претседател Владимир Путин со 49 проценти поддршка, трет е американскиот претседател Бајден со 37 отсто позитивно мислење.
Your browser doesn’t support HTML5
На прашањето „каква треба да биде надворешната политика на Северна Македонија“ 31 отсто одговориле само про ЕУ и прозападна, 23 проценти рекле Запад и Русија подеднакво, 12 отсто сметаат дека треба да биде прозападна, но и со релации со Русија.
34 отсто сметаат дека Руската агресија врз Украина е целосно неоправдана, 24 проценти дека е донекаде оправдана, а 9 проценти дека е целосно оправдана. За тоа кој е виновен за војната, 38 проценти одговориле двете страни, 17 проценти дека вината е кај Русија, а дури 27 отсто дека Западот е крив.
Големо мнозинство од испитаниците – 68 отсто од нив се изјасниле позитивно на прашањето дали би гласале „за“ приклучување кон ЕУ. 13 проценти рекле дека ќе бидат против.
50 проценти од прашаните граѓани безбедносната ситуација ја сметаат за задоволувачка, но 32 отсто мислат дека има шанса за конфликт во земјава во блиска иднина, а од нив 37 отсто сметаат дека тоа би се случило поради тензии создадени од другите етнички заедници.
На прашањето дали верувате дека корупцијата е сериозен проблем дури 72 отсто од испитаниците одговориле дека е многу сериозен, а 18 дека е сериозен. Како најкоруптивни елементи од општеството се сметаат политичките партии и нивните раководства, а многу блиску е и судската власт.
Корупцијата е на високото второ место за граѓаните на земјата на прашањето кој е главниот проблем. Предничат економијата и високите цени.