Рејчел Далет се преселила од САД во Израел за да игра професионален женски фудбал. Неодамна дипломирала на Универзитетот во Висконсин, но вели дека се чувствувала несигурно кога минувала низ кампусот на нејзиниот универзитет кој бил про-палестински, по започнувањето на војната помеѓу Израел и Хамас во 2023 година.
Таа дури била нападната со тежок предмет кој некој го фрлил кон неа кога на рамениците обвила израелско знаме.
„Војната ја продлабочи мојата поврзаност со израелскиот народ, со еврејската татковина и ме натера да сакам да бидам со повеќе луѓе како мене. Потекнувам од мала заедница на Евреи во Милвоки, Висконсин и тука мнозинството луѓе се Евреи. Самото тоа што секојдневно сум опкружена со тоа е нешто посебно”, вели Далет.
Далет вели дека нејзиното семејство е гордо на нејзините достигнувања во Израел, но се грижи за нејзината безбедност.
„Од перспектива на моите родители изгледа страшно и тие се грижат за мојата безбедност, но јас никогаш не сум се чувствувала побезбедно. Израелците го живеат своето секојдневие и тие многу го ценат животот", вели таа.
Министерот за имиграција на Израел, Офир Софер, вели дека 33.000 имигранти дошле во Израел во текот на изминатата година и покрај војната и ракетните напади на голем дел од Израел.
Имигрантите од Северна Америка добиваат поддршка од Нефеш Б'Нефеш, организација која ја олеснува еврејската имиграција. Претставниците на организацијата велат дека има зголемување од 60 проценти на апликациите за имиграција во текот на изминатата година, иако не се сигурни колку од нив ќе се преселат во земјата.
„Кога се случи војната, постоеше неверојатна емоционална поврзаност што луѓето ја имаа. Прво беше шокот и стравот од процесирањето на тоа што се случи. Но, како реакција, некои луѓе навистина видоа дека нивната врска се зајакнува и ја видоа својата улога во Израел“, вели Марк Розенберг од „Нефеш Б'Нефеш“.
Нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година имаше личен ефект на Питер Сугарман, британски бизнисмен со приватен капитал. Тој и неговата сопруга тој ден биле во посета на Израел со нивниот син и внуци и морале со часови да се засолнат во подрумот на хотелот.
Точно една година подоцна, на 7 октомври 2024 година, тој и неговата сопруга станаа нови имигранти.
„Мојата жена и јас по тоа се почувствувавме дека дошло време да вложиме заеднички напор да стигнеме во Израел во рок од една година од тој датум. Сметавме дека најдобриот начин да ја поддржиме еврејската заедница беше да се вклучиме уште повеќе, а тоа значеше да дојдеме во Израел”, вели Питер Сугарман, нов имигрант во Израел.
Во исто време кога имигрантите доаѓаат во Израел, многу Израелци ја напуштаат земјата. Централниот завод за статистика откри дека повеќе од 82.000 Израелци се преселиле во странство во 2024 година, во споредба со околу 35.000 во претходните години.
Многумина ги наведоа тековната војна и политичката нестабилност во Израел како причини за напуштање на земјата. Во меѓувреме, многумина од новите имигранти велат дека учат да живеат со честите ракетни напади и се надеваат дека ќе придонесат за мирен Израел во иднина.