Останаа без шумите, без чистиот воздух, а сега стравуваат дека ќе останат и без изгорените дрвја

Изгорените дрвја сè уште можат да се користат во дрвната индустрија. Сепак, дел од сопствениците на приватни шуми во малешевските планини стравуваат дека откако останаа без дрвјата, ќе останат и без правото да го користат тоа што останало на нивните парцели.

Останаа без шумите, без чистиот воздух, а сега стравуваат дека ќе останат и без изгорените дрвја. Дел од жителите на пехчевското село Робово велат дека иако дрвјата се на нивни парцели во планините, ќе немаат право да ги користат ниту за граѓа, ниту за огрев, ниту пак за продажба.

Your browser doesn’t support HTML5

Останаа без шумите, без чистиот воздух, а сега стравуваат дека ќе останат и без изгорените дрвја


„Сега дојде време ние таа шума да не можеме да ја експлоатираме и да не можеме од неа ништо да земеме. Не знам како ќе биде тоа. Грбавец, еве, мојата шума, некој друг да ја сече“, негодува Ванчо Сивевски од Робово, сопственик на приватна шума.

Таа шума е во наша сопственост, а не во сопственост на шумските стопанства, кои со ништо не се заслужни за таа шума
Ванчо Сивевски, село Робово


Причина за тоа, како што велат, е што парцелите на кои се наоѓаат изгорените дрвја, катастарски им биле запишани како ливади, а од нивните предци ги наследиле како шуми.

„Од тие стари сопственички листи или од тие стари имотни листови да им се издаде дозвола за експлоатација на таа шума. Таа шума е во наша сопственост, а не во сопственост на шумските стопанства, кои со ништо не се заслужни за таа шума“, додава Сивевски.


Некои, пак, и дигнале раце од докажување на сопственоста врз парцелите.

„На кој начин не знам, тие шуми нагоре државата си ги препиша на свое име. Многу малку од шумата остана во приватна сопственост“, вели Атанас Цоковски од селото Робово.

Според некои наши видувања и согледувања не беше фер и коректно целиот процес на разграничување меѓу државен и приватен имот да падне врз плеќите на сопствениците на приватните шуми
Војо Соколовски, Асоцијација на сопственици на приватни шуми


Од Асоцијацијата на сопственици на приватни шуми велат дека проблемот настанал пред десетина години.

„Таму некаде уште во далечната 2011 мислам, тргна процесот со иницијативи за трајно обележување на парцелите на сопствениците на приватните шуми во Македонија. Ние го следевме процесот и настојувавме и да го креираме. Според некои наши видувања и согледувања не беше фер и коректно целиот процес на разграничување меѓу државен и приватен имот да падне врз плеќите на сопствениците на приватните шуми. Сопствениците мораа да се обележат, додека државата, тоа го немаше како критериум“, укажува Војо Соколовски, претседател на Асоцијацијата.

Сепак, нагласуваат дека сопственоста е неприкосновена.

„За жал, кога сопственоста во шумарството доаѓа до израз, вие морате парцелата видливо и трајно да ја обележите. Тоа значи, геометар да излезе на терен и да ги одреди котите на вашата парцела. Доколку таквите постапки бидат испочитувани, верувам дека ќе нема проблем сопствениците да си ја соберат дрвната маса од нивните парцели“, додава Соколовски.


Се обративме и до Агенцијата за катастар на недвижности. Од таму беа децидни и објаснија: „Сопственикот на парцела која е во реон означен како шума е сопственик и врз дрвјата посадени или изникнати на неговата парцела“. Додадоа и дека доколку врз нечија парцела има шума, таа е во негова приватна сопственост.

Во пијанечко-малешевскиот крај соодносот меѓу шумите во државна и во приватна сопственост, изразено во проценти, е речиси 50-50. Допрва ќе се проценува чија шума повеќе изгорела, дали таа на државата или таа на приватните сопственици. Но, едно е сигурно, непроценливото природно богатство го изгубија сите македонски граѓани.