Вељаноски: 24-ти април е изводлив датум за одржување избори

Your browser doesn’t support HTML5

Вељаноски: 24-ти април е изводлив датум за одржување избори

Претседателот на Собранието присуствуваше на Молитвениот појадок во Вашингтон и за Гласот на Америка ја коментира актуелната политичка ситуација

Првиот човек на Собранието Трајко Вељаноски вели дека кога четворицата лидери го ставиле потписот на Договорот во Пржино, веројатно имале предвид дека 24-ти април е изводлив датум за одржување предвремени избори:

„Гледаме дека одредени тајминзи може да се поместуваат, но не се толку невозможни за да завршат сите работи и да имаме квалитетни избори, за да може Македонија потоа да одговори на сите предизвици“, коментира Вељаноски.

Според него, актуелната политичка криза има свое влијание и во политичкиот и економскиот дел, но врз севкупната политика во регионот. Вељаноски вели дека Македонија што е можно побргу треба да добие стабилна влада со оглед на кризата со бегалците која се очекува напролет да се интензивира.

„Најбитно по мене е да се дојде до едно решение, кое ќе биде признато од сите фактори во политичката борба која претстои, за да може да имаме избори чии резултатите ќе бидат признати од сите политички партии“, оцени првиот парламентарец.

Го прашавме и за евентуалниот бојкот од опозицијата:

„Не сакам да помислам дека една моќна и значајна опозициона политичка партија како СДСМ да не учествува на изборите. Се надевам дека во последен момент ќе се премислат. Се надевам дека ќе се најде решение за прашањето за медиумите и ќе се расчистат сите прашања кои би биле, условно кажано, пречка за да се спроведат изборите“, коментира Вељаноски.

Запрашан дали е можно пролонгирање на изборите на 24-ти април, под било кое сценарио, тој додава:

„Се ` можно, ако се договори. Но, не е пожелно ниту прикладно, затоа што непочитување на еден договор, остава простор за непочитување на сите идни понатамошни договори. А непочитување е и датумот кој е договорен и ставен е потписот од четворицата лидери на политички партии“, нагласува првиот парламентарец.

Тој ја оцени актуелната состојба како вид на политичко тактизирање и изрази надеж дека на 24-ти април, како што кажа, граѓаните ќе го кажат последниот збор во кој правец треба да оди Македонија. Судот од народот треба да го почитуваат сите – и поразените и победниците на изборите, заклучи Вељаноски во разговорот на Гласот на Америка.