Амбасадорт на САД во Македонија Пол Волрес денес се сретна со вицепремиерката за европски интеграции Теута Арифи. Една темите на нивниот разговор била можноста да се надмине пречката за евроатлантските интеграции на Македонија - решавањето на спорот со името.
Арифи му пренела на Волерс што разговала на оваа тема со државната секратарка на САД Хилари Клинтон за време на неодамнешата посета на Вашинготн. Како што информираше вицепремиерката, од неа во Вашингтон било побарано двете страни да дадат придонес за надминување на спорот.
„Не добивме временски рокови, туку едноставно ни беше кажано дека треба да дадеме придонес да се надмине спорот со името, особено по пресудата во Хаг - тоа да биде еден нов поттик заедно со Грција да најдеме што побрзо решение за да можеме да се движиме побрзо кон евроатланските процеси - процеси за кои секако американската администрација е спремна да помогне и спремна да биде силен партнер со нас, и за едниот и за другиот процес“, изјави Арифи.
Прашан за шпекулациите во грчката јавност за можноста Грција да се повлече од Времената спогодба и да се прекинат разговорите за името, американскиот амбасадор во Македонија рече дека официјален Вашингтон никогаш не би подржал опција за прекинување на разговорите.
„Нашата позиција е дека двете страни треба повторно да ги поттикнат нивните напори за прашањето со името. Како што знаете, го поддржуваме процесот воден под покровителство на ОН. Мислиме дека неодамнешната пресуда на Меѓународниот суд на правдата е можност да се поттикне процесот. Се надеваме дека двете страни ќе го сторат тоа. Секако, не сакаме стопирање на преговорите“, изјави Волерс.
По разговорите со Волерс, вицепремиерката ги информираше медиумите дека на почетокот на наредната година ќе се оствари најавената средба со нејзиниот грчки колега Теодорос Пангалос.
„Мислам дека бевме коректно известени и побарано беше таа средба да се одржи на почетокот на наредната година. Јас ги информирав и партнерите во Вашингтон за оваа информација која јас пред да одам на пат ја добив официјално од Атина, каде што беше укажано дека останува интересот да ја оствариме средбата, но бараат малку повеќе време за подготовки. Се надевам дека таа средба ќе се оствари. Тоа ќе биде еден голем сигнал дека навистина двете страни се заинтересирани да ги решат проблемите“, изјави Арифи.
По објавувањето на пресудата од Хаг, меѓународните фактори испратија едногласна порака дека таа треба да се искористи во функција на интензивирање на разговорите и што побргу да се дојде до решение што ќе овозможи Македонија да започне преговори за членство во ЕУ и да стане членка на НАТО.